Денот на Републиката – 2 Август, 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ, денеска се чествува Под слоганот „Сите сме деца на Илинден“.
Делегација предводена од премиерот Зоран Заев ќе положи цвеќе на споменикот Мечкин камен, на одржувањето на централната свеченост во Крушево. Премиерот ќе се обрати напладне по што ќе следува свечена културно-уметничка програма.
Делегација од Кабинетот на претседателот на државата ќе положи цвеќе пред
спомениците на АСНОМ во паркот „Жена борец“, на Никола Карев пред Собранието и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов -Ченто на градскиот плоштад во Скопје.
Претседателот Стево Пендаровски, заедно со претставници на Сојузот на борците ќе положи цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел, а ќе оддаде почит на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генерал Михајло Апостолски.
Во претседателската вила на Водно ќе се одржи церемонија, на која ќе се обратат претседателот Пендаровски и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, Никола Стојановски.
Втори август ќе се чествува и во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, каде што ќе се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа ќе има културно-уметничка програма.
Во рамки на Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август предвидени се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години
Илинден и 77 години од првата борбена акција на битолско-преспанскиот
партизански одред „Даме Груев“.