Без разлика дали е политички хорор или пародија, тоа вклучува колосална неодговорност на британските политички лидери
Во 2018 година е објавено видео во кое разговараат министер и директорка во Министерството за надворешни работи на пат кон Франција. „Досаден е, потребни се повеќе шеги“, министерот се обидува да го прочита говорот на неразбирлив француски. Директорката одговара: „Можеби е подобро само насловите да бидат на француски, или може да се изгубиме во преводот“. На тоа министерот вели: „Тие го сакаат, го сакаат мојот француски“. Видеото не е епизода од нова продукција на британската политичка сатира „Да, министре“, туку е дел од сторијата „Внатре во Форин офис“ на Би-би-си, каде што е прикажан дијалог меѓу Борис Џонсон, тогаш министер за надворешни работи, и Каролин Вилсон, директорка за Европа во Министерството, за време на нивниот лет за Париз во 2017 година. И да, видеото не е пародија, туку е вистинско.
Да, тоа е Борис Џонсон, кој вчера стана премиер на Велика Британија. Да, тоа е Борис Џонсон, кој самиот има изјавено: „Моите шанси да станам премиер се толку добри колку и шансите да го пронајдеме Елвис на Марс, или јас да бидам реинкарниран како маслинка“. Како Велика Британија, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, заврши со премиер што самиот за себе сметал дека има шанси за премиер помали и од шансите за љубов во „Глуп и поглуп“. Како од јули 2016 година „Од играчка плачка“, стигнавме до почетокот на 2019 година и политички хорор, а сега веќе не е јасно дали е политички хорор во продолженија или е пародија. Без разлика дали е политички хорор или пародија, тоа вклучува колосална неодговорност на британските политички лидери. Таа неодговорност започна со Дејвид Камерун и Борис Џонсон и обид на Конзервативната партија да го спаси сопствено единство и себеси како партија од можно распаѓање. Тереза Меј беше продукт на таа неодговорност. Но проблемот со колосалната неодговорност е многу поширок и подлабок и можеби најдобро го изрази една британска пратеничка, која емотивно изјави: „Имаме најлош премиер од Еден (1955-1957), најлош лидер на опозицијата (Корбин) во историјата на лабуристите и најлош парламент од Кромвел (17 век).“
Покрај колосалната политичка неодговорност, изборот на Борис Џонсон е резултат на демократски избор во Конзервативната партија. Да, Борис Џонсон е избран на директни избори на членовите на Конзервативната партија. Од друга страна, критичарите би истакнале дека тоа се 130.000 члена, или 0,3 проценти од гласачкото тело на Велика Британија. И тие членови се „повозрасни, побели и побрегзит“ отколку Велика Британија. Колку и да не се допаѓа изборот на Борис Џонсон, тоа е резултат на очекувањата на членовите на Конзервативната партија да сврти кон цврст брегзит. Тоа е проблем на конзервативците, кој станува проблем и на земјата, бидејќи опозицијата нема став за брегзитот.
Една внатрешна рефлексија од овој избор. Како застапник на идејата за демократизација на земјата преку демократизација на партиите („Слободни партии, за слободно општество“) и воведување директни избори на претседателот на партијата од страна на членовите, ова е втор можен ризик на наведениот систем. Односно, можноста релативно мало членство да ја сврте партијата во екстремност, а со тоа ја турне земјата во политички хорор. Првиот ризик е проформа практикувањето како во хрватски ХДЗ, каде што имаше само еден кандидат за претседател на партијата.
Е сега еден премиер, Борис Џонсон, кој изгледа како да е пародија или да излегол од сатирата на „Да, министре“, ќе треба да ја води Велика Британија во време на многу сериозни предизвици. Првиот е брегзит. Борис Џонсон, како цврст брегзитер, смета дека брегзит без договор е подобар отколку да нема брегзит. Дали Борис Џонсон навистина верува во тоа, или ја игра играта кукавица, односно верува дека ЕУ соочена со брегзит без договор ќе прифати нов договор, ќе се увериме во следните месеци. Која и е да вистината ќе внесе нова несигурност во следниов период. Стремејќи се во брегзит и без договор, кој може да ги наруши односите со ЕУ, Велика Британија ќе влета во геостратегискиот ривалитет меѓу САД и Кина. В. Британија ќе треба да се соочи со одлуката дали ќе ги следи САД во ембаргото кон Хуавеи. Кој и да биде изборот, Велика Британија, надвор од ЕУ, ќе го навлече гневот или на САД и или на Кина и ќе ги загрози британските економски и трговски позиции. На врв на тоа, пред Борис Џонсон претстои одлука како ќе постапува во „танкерската криза“ со Иран – дали ќе ретерира или ќе се обиде да демонстрира сила и да ја вовлече Британија во можна воена ескалација со Иран. Три големи одлуки, каде што неговиот „француски“ или неговите „шеги“, нема да бидат многу од помош. Доаѓањето на власт и водењето држава знаат да бидат многу различни, и Борис Џонсон многу бргу ќе дојде во ситуација да ги демонстрира своите лидерски и државнички капацитети.
***
Одлуката да ја коментирам британската пародија, а не нашата македонска пародија, е намерна, за да обезбедам мала дистанца за подобра анализа и да се соочам со фактот дека пародијата не егзистира само кај нас.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Брегзит #Brexit #ЕУ