Да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати. Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што нѝ е доверена на чување, истакна вечерва претседателот на државата, Стево Пендаровски, на отворањето на 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ на сцената на Античкиот театар во Охрид.
Тој нагласи дека ова посебно се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро.
На отворањето на ова 59-то издание на „Охридско лето“, спектакуларен гала концерт одржа светски познатата виолинистка, Ванеса Меј.
Уметничката порака на годинашното фестивалско издание ја прочита режисерот Александар Поповски, кој му ја посвети на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, а министерот за култура Хусни Исмаили потенцираше дека фестивалот „Охридско лето“ покрај афирмацијата на светските вредности, дава силна поддршка и на домашната сцена.
Во текот на 40-те фестивалски денови ќе има повеќе од 40 културни настани, на кои ќе учествуват светски и домашни познати имиња на сцените на Антички театар, Долни Сарај во црквата „Света Софија“, но и во нејзиното преддворје, во Центарот за култура „Григор Прличев“, како и на други локации низ градот.
Свеченото затворање на фестивалот ќе биде на 20 август со изваедба на театрската претстава „Одисеј“ од Горан Стефановски во режија на Александар Поповски.