Премиерот Зоран Заев добил овластување од Владата тој да ги креира финансиските политики. Одлуката била донесена на вчерашната владина седница, образложи денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа кој кажа дека премиерот ќе ги насочува дејствијата од областа на финансиите и финансиската политика, а заменик-министерката за финансии Ширет Елези ги презема сите овластувања и раководења со министерството. Од Владата не појаснија што точно би значела ваквата поделба на функциите, но на инсистирање на новинарите, владиниот портпарол само кусо потврди дека во пракса Заев ќе кажува што треба, а заменичката Елези ќе потпишува.
– На оваа седница беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиската политика и спроведување на програмските определби на Владата, согласно член 11 став 1 и став 2 и член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија. Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите по член 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државата управа согласно кои заменикот министер за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на министерството за финансии – рече Хоџа.
Одлуката следува по владината реконструкција со која разрешен беше досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски, а премиерот Заев се предложи себеси да застане на чело на министерството. По негативните реакции во јавноста и предупредувањето од антикорупциската комисија за неспоивост на функциите, Заев се откажа од намерата и одлучи тој да раководи со министертсвото за финансии до изборот на нов министер.