Мухамед Џавад Зариф

Њујорк Тајмс

Министерот за надворешни работи на Иран, Мухамед Џавад Зариф, се најде на удар на критиките на Техеран и на Вашингтон бидејќи пропаѓа нуклеарниот договор за кој самиот тој преговараше.

Иранските конзервативци одамна го исмејуваат нивниот министер за надворешни работи дека е „американизиран“ како ликот од една иранска комедија, кој користи лажен акцент, се облекува и се преправа дека живее како Американец. Зариф, кој често патуваше на релација Иран – САД во изминатите 30 години, беше највклучениот човек во преговорите на нуклеарниот договор од 2015 година, со кој се ограничува иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на економските санкции. За обичните Иранци и реформатори, тој стана херој. За конзервативците тој е марионета на Западот, која имала улога во договорот со Американците, кои на крајот нема да го испочитуваат.

Сега кога нуклеарниот договор е на раб да пропадне, поради тоа што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повторно наметнува строги санкции за Иран, а во меѓувреме Техеран се заканува дека ќе рестартира делови од нуклеарната програма, Зариф се најде на удар на нови критики не само од конзервативците во Техеран, туку и од Вашингтон. Претставници од Белата куќа велат дека претседателот Трамп побарал посебни санкции за иранскиот министер за надворешни работи, што ја подгреа дебатата во двете држави за намерите на администрацијата.

Поагресивните политичари како државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност Џон Болтон тврдат дека Зариф е опасен токму поради наклонетоста кон Америка. Зариф и неговиот претседател Хасан Рохани се „префинети претставници во меѓународното лажно претставување на ајатолахот“ според Помпео, кој смета дека министерот за надворешни работи го користи неговиот беспрекорен, идиоматски англиски јазик со американски акцент за да ја прикрие неговата поврзаност со конзервативната агенда на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи.

Но критичарите возвраќаат дека се бесмислени заканите кон највисоките ирански дипломати, со оглед на тоа што Трамп постојано инсистираше дека неговата крајна цел е да ги обнови преговорите со Иран. Заобиколувајќи го посредништвото во ваквите преговори, критичарите велат дека на крајот администрацијата ќе нема друг избор освен да се конфронтира.

Во долгата преписка преку електронска пошта, Зариф навел дека не се плаши од американските санкции. Во една од пораките наведува дека „сите што го познаваат, знаат дека тој и неговото семејство немаат никаков имот надвор од Иран. Дури немаат ни банкарска сметка во странство. Иран бил целиот негов живот и единствена посветеност, така што не се плашел од можни санкции“. Според Зариф, Вашингтон може само да си наштети доколку му наметне санкции. Понатаму, тој тврди дека „единственото влијание и можеби единствената цел за можни санкции е да се ограничи неговата комуникација. Тоа на никому нема да му биде од корист и дефинитивно ќе ја ограничи можноста за Вашингтон да донесе информирана одлука“.
Што се однесува до обвиненијата за „лажно претставување“, Зариф изјави дека никогаш не побарал од Американците да му веруваат и воедно никогаш и не им верувал, а најмалку во текот на преговорите за нуклеарниот договор, претходно познат како „Заеднички сеопфатен план за акција“.

Статусот на Зариф во Техеран претрпе сериозни удари со пропаѓањето на нуклеарниот договор. Откако лани се повлече од договорот, администрацијата на Трамп во мај ги заостри санкциите за да го казни секој во светот, кој ќе се обиде да купи иранска нафта, со тоа што ќе го скрати иранскиот извоз и ќе предизвика хаос во економијата.
Други конзервативци тврдеа дека Зариф треба да поднесе оставка, да се соочи со импичмент или да се изведе на суд, затоа што му наштетил на Иран со договорот со кој се уназадува долгогодишното нуклеарно истражување и инвестиции без никаква крајна цел.

Зариф кратко се повлече од функцијата во февруари откако конзервативците во иранската војска не го вклучија во тимот за пречек на сирискиот претседател. (Хаменеи намерно го изостави Зариф од средбата.)

Во највисоките ешалони на иранскиот политички систем, во кои генерално малку се знае за САД и со сомнеж се гледа на нив, Зариф се истакнува поради леснотијата со која комуницира со Американците. На 17 години заминал во САД за да студира и дипломирал на државниот универзитет во Сан Франциско во 1979 година, кога изби исламската револуција во Техеран. (Во бунтот учествуваше со тоа што предводеше група на студентски револуционери кои го зазедоа иранскиот конзулат во Сан Франциско).

Неговите пријатели велат дека тој повеќе сака американско кафе од традиционалниот ирански чај и исто така ужива во американските ресторани, иако внимава никогаш да не биде фотографиран со алкохол, што конзервативците можат да го искористат против него дома во Техеран.

Американските поддржувачи на санкциите врз Зариф тврдат дека е опасен токму затоа што многу потсетува на нив. Тие велат дека тоа му помага да го скрие антиамериканскиот и експанзионистичкиот карактер на неговата влада.

Подготвила: Билјана Здравковска