Францускиот претседател Емануел Макрон тврди дека бунтот на „жолтите елеци“ кој е влезен во 34-та недела, е погрешно претставен, односно дека описот на учесниците на протестите како гневни граѓани е „бесмислица“, пренесува „Политико“.
Макрон е во право за сегашната ситуација на „жолтите елеци“. Движењето кое првобитно беше замислено како рурално, аполитично и антиполитичко – згасна, уште во ноември минатата година.
Бројноста на демонстрантите опадна до шест илјади (според податоците на Министерството за внатрешни работи) за време на топлотниот бран во Франција, што е значително намалување во однос на 280-те илјади незадоволни граѓани во зачетокот на движењето. Се наведува дека оние што не се откажуваат, воглавно се политички активисти.
Макрон единствено не е во право кога тврди дека движењето на „жолтите елеци“ никогаш не било спонтано изразување на гневот на обичните луѓе. Гневот не исчезна, но веќе не е поттик за протестите. Протестите сега се исполнети со млади, урбани, левичарски активисти, а нивната реторика воглавно е антикапиталистичка.
Како што движењето „мутира“ се зголемува бројот на „дезертери“ кои сметаат дека „жолтите елеци“ застраниле од првобитната идеја, односно не се согласуваат со новиот курс.
Движењето делумно згаснува поради отстапките направени од Макрон (вети ревизија на спорните закони, ги зголеми пензиите и одобри даночни олеснувања вредни 17 милијарди евра), а делумно поради заморот на учесниците и стравувањата од насилство. Одбивањето за именување на лидерите на движењето, исто така, стана проблем, иако првобитно беше сметано за предност. Тоа значи дека нема кој да донесе одлука за прекин на протестите.
Постојат најави оти „жолтите елеци“ прават пауза за време на летните одмори и дека повторно ќе се активираат наесен, но иднината на движењето е неизвесна.