Фото: Емил Јовановиќ

ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга одбележа 45 години постоење

Годинава нашите ученици, со помош на своите ментори, освоија многу први места на регионални и на државни натпревари во повеќе области и се надевам дека и во иднина мултиетничноста во нашата установа ќе дава одлични резултати, вели директорката на училиштето, Лаура Шате

Учениците на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, учебната година ја завршија со одбележување на патронатот и на 45-годишнината од постоењето на оваа образовна установа, каде што се едуцирале повеќе генерации ученици, денес почитувани членови на нашето општество. По нивните стапки чекорат новите генерации, кои исто така нижат успеси и освојуваат награди на регионални и на државни натпревари.

Во ова мултиетничко училиште учат 1.300 деца, во две смени, а наставата се одвива на три јазици: македонски, албански и на турски јазик.
Многубројните гости, меѓу кои беа и претставници на Државниот просветен инспекторат, Бирото за развој, локалната самоуправа и други пријатели на училиштето, ги поздрави директорката Лаура Шате, која истакна дека во оваа образовна установа се работи со многу елан, одговорност и соработка во колективот.

– Горди сме на постигнатите резултати. Заедно реализираме различни проекти, а имаме и поддршка од општината. Годинава нашите ученици, со помош на своите ментори, освоија многу први места на регионални и на државни натпревари во повеќе области и се надевам дека и во иднина мултиетничноста во нашата установа ќе дава одлични резултати – рече директорката Лаура Шате.

Претставникот за образование од општината Струга посочи дека и во иднина ќе се прават напори да се подобрат условите за учење во ова училиште.
На најдобрите ученици и ментори им беа доделени книги, донација на „Нова Македонија“, за што домаќините од срце се заблагодарија со благодарница.
Меѓу наградените беше и првенката на генерацијата, деветтоодделенката Марија Радојков, која освоила прва награда на државен натпревар по биологија.
– Прекрасно е чувството да се освојуваат награди за училиштето во кое си поминал девет години. Конкретно за оваа последна награда на натпреварот по биологија, вложив многу труд, но ништо не е тешко кога имаш желба и те влече науката, на која можеби ќе ѝ се посветиш во иднина – вели Марија.

Ученичката Викторија Илиевска освоила трета награда на државен натпревар по англиски јазик.
– Англискиот ми е еден од омилените предмети и затоа се потрудив своето знаење да го покажам и на овој натпревар. Филологијата е убава наука, особено заради тоа што ни ја олеснува комуникацијата со припадници на други националности – ни рече Викторија.
Нејзиниот врсник, Андреј Ѓоргиовски, освоил прва награда на државен натпревар по физика, како и пофалница на државен натпревар по хемија.
– Сите предмети ми се интересни, но малку повеќе ме влечат физиката и математиката, па по завршувањето на средното образование најверојатно ќе се запишам на некој од техничките факултети – вели овој талентиран ученик.

Негова менторка е наставничката по физика Леонида Чакареска, која секоја година постигнува успеси на државни натпревари со своите ученици.
– Во ова училиште работам веќе 20 години и сум горда што има интерес кај учениците за физиката, а успесите што континуирано ги постигнуваме на натпреварите се доказ за тоа. Изборот на техничките науки е решение за иднината на нашата земја, а тоа се бара и на пазарот на трудот, па затоа очекуваме дека и државата ќе поведе сметка за талентите, за да не дозволиме да си заминат оттука – вели оваа успешна наставничка.
Нејзината колешка Викторија Поповска, која предава информатика, во училиштето работи веќе 25 години. Таа освои награда на државен натпревар по информатика, по програмирање и иновација, со четворица ученици, а на „Европски квиз за пари“ нејзините ученици го освоија осмото место меѓу 150 учесници.

– Ја заокруживме годината врвно, во духот на јубилејот – вели Викторија Поповска.
На свечената приредба, учениците на три јазици ја изрецитираа и песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов, а патронатот беше прославен со изведба на повеќе музички точки, со учество на голем број ученици на ова училиште, за кое наставниците велат дека е Македонија во мало.


Чест е да се слави делото на браќата Миладиновци

Учениците од ОУ „Браќа Миладиновци“, во својот реферат на три јазици нѐ потсетија на големината и значењето на своите патрони, чие име со гордост го носат.
„Браќата Миладиновци се основоположници на македонската преродба и поборници за културната слобода на својот народ, за својот мајчин јазик.

Родени се во Струга, во семејството на сиромашниот грнчар Ристе Миладин.
Димитар Миладинов е роден во 1810 година, се школувал во грчката манастирска школа, а потоа образованието го продолжил во охридското училиште. Од 1830 година учителствувал во Струга, Прилеп, Охрид, Кукуш и други места. Дење ги учел децата, а навечер возрасните, трудејќи се да му помогне на својот народ. Бил борец против грчкото влијание во Македонија и го исфрлил грчкиот јазик од училиштата и го вовел македонскиот, а неговите собрани народни творби се отпечатени во „Зборник на народни умотворби“, објавен во Загреб во 1861 година.

Помладиот Константин, роден во 1830 година, бил ученик на брат му, а потоа завршил гимназија во Јанина. По студиите во Атина, тој заминува во Москва, каде што студира словенска филологија. Таму ја напишал неговата најсилна и најубава песна „Т’га за југ“. Константин го нарекуваат и основоположник на македонската поезија.
Дејноста на браќата Миладиновци им пречела на поробувачите, кои ги затвораат во истанбулските зандани. Умираат во 1862 година.

Нивното дело е огромно не само за македонската литература, туку и за македонската историја“, посочија во својот реферат учениците на ОУ „Браќа Миладиновци“.

На најдобрите ученици и ментори им беа доделени книги, донација на „Нова Македонија“