Дигиталниот уметник Зоран Попоски учествува на 13. биенале во Каиро, Египет. На биеналето, под мотото „Поглед кон исток“, во периодот 10 јуни-10 август 2019 во Музејот на модерна египетска уметност и Палатата на културата во Каиро ќе бидат претставени делата на 80 уметници од над 50 земји. Зоран Попоски е единствениот македонски уметник кој учествува на ова биенале.
Уметникот Попоски се претставува со серија дела во комбинирана графичка техника во голем формат, дел од неговиот поголем повеќегодишен проект кој ги истражува механизмите и стратегиите на културното преведување.
Зоран Попоски има реализирано повеќе од 70 меѓународни изложби и е добитник на неколку светски награди и признанија за уметност. Негови јавни уметнички проекти се презентирани во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, како и во демилитаризираната зона на границата помеѓу Северна и Јужна Кореја. Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Линц и Њујорк, а докторирал студии на културата во Скопје.