Откога новиот претседател на Украина, Володимир Зеленски, ѝ даде целосна поддршка на Украинската православна црква и рече дека ќе го надгледува остатокот од спроведувањето на томосот за нејзина автокефалност, аналитичарите во земјава се согласни дека Македонија, иако секуларна држава, не би требало да има никаков проблем да го следи украинскиот пример и цврсто да застане зад процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА
Дали и каква улога треба да има државата во поддршка на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за решавање на нејзиниот автокефален статус пред Вселенската патријаршија? Дали тоа би се сметало за нарушување на концептот на секуларност? Овие дилеми изминатиот период се наметнаа во јавноста, особено по зачестените изјави на политичарите за црковните прашања. Kога станува збор за националните и за државните интереси, најновиот случај во Украина е добар пример за државна поддршка на црквата.
Имено, новиот претседател на Украина, Володимир Зеленски, ѝ даде поддршка на Украинската православна црква и најави дека ќе го надгледува остатокот од спроведувањето на томосот за нејзина автокефалност. И поранешниот украински претседател Петро Порошенко бараше од вселенскиот патријарх признавање за Украинската црква. Во меѓувреме, на 6 јануари оваа година вселенскиот патријарх Вартоломеј ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква, по што следуваа поделени реакции во православниот свет.
Верските аналитичари сметаат дека решавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, пред сѐ, е црковен процес и решението треба да произлезе од црковна одлука. Но, истовремено сметаат и дека во суштина овој проблем е и политички испреплетен преку прашањето за името, но и преку директната поврзаност на националните и државните интереси на доминантна етничка заедница што живее во државата.
Аналитичарите оценуваат дека државата, премиерот, претседателот, Собранието не можат да останат рамнодушни и дека треба да обезбедат одреден степен на поддршка за црквата, пред сѐ, поради потребата да се релаксираат односите меѓу верниците, но и да се постигне крајната цел – затворање на ова прашање што ги оптоварува и политичките односи меѓу државите.
Засега во Македонија само премиерот Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА. Пред десетина години и Собранието имаше слична иницијатива, кога изгласа резолуција за поддршка на автокефалноста на МПЦ. Но токму сега, како што истакнуваат аналитичарите, е момент кога државниот врв треба поизразено да ја демонстрира својата поддршка.
Проф. д-р Александар Спасеновски, од правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, вели дека државните институции треба да дејствуваат во координација со Македонската православна црква, која ги насочува активностите за стекнување автокефален статус и, доколку има потреба, да ѝ ја понудат својата помош.
– Ако црквата процени дека е потребен засилен дипломатско-политички или друг ангажман, државата треба да излезе во пресрет. Црквата е еден од столбовите на државноста, па, според тоа, натамошното јакнење на нејзините позиции е важен прилог и во насока на натамошно зацврстување на стабилноста на македонската држава, слично како, на пример, членството во НАТО или економскиот развој – посочува Спасеновски.
Според него, и претходно македонските државни институции одржувале блиски односи со црквата во оваа смисла, независно од тоа дали тие се водени од партиите на левицата или на десницата.
Вселенската патријаршија со важна улога во православието
„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на преземените канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.
Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
Како што толкуваат познавачите на состојбите, Вселенската патријаршија во моментов игра многу важна улога во православниот свет преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Таа ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква, што за МПЦ може да значи отворен пат по кој лесно ќе се стигне до автокефалност. Ќе се смета за сосема легитимно ако Вселенската патријаршија и за Македонија го примени истиот принцип како за Украина.
МПЦ има став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.