По 14 години како земја-кандидат заслужуваме да добиеме почеток на преговорите со ЕУ, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, која заедно со сопругата и владина и бизнис делегација престојува во официјална дводневна посета на Република Словенија.
Тој на прес-конференцијата, на која учествуваше заедно со словенечкиот колега и домаќин, Марјан Шарец изрази благодарност до Словенија која го ратификуваше протоколот за НАТО и побара поддршка за започнување на преговорите со ЕУ.
-По Договорот од Преспа, по Договорот со Бугарија, интеграцијата на целото наше општество, преку „Концептот – Едно општество за сите“ ние сме мултиетничка земја, навистина и 100 процентното исполнување на реформите, заслужуваме по 14 години земја-кандидат да добиеме продолжување на процесот, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија. Ние сме свесни, дека треба години да поминат за да бидеме полноправна членка, но овој процес на мотивација за нас ќе биде многу значаен затоа што тоа е наша водилка и тоа нè охрабрува да продолжиме да бидеме уште повеќе европска земја, поголема демократија, поголеми слободи и да го усовршуваме нашето општество. Секако, денеска сме овде да зборуваме и за економијата, сакам да знаат граѓаните на Словенија дека словенските продукти во нашата земја важат за проверени. Словенечките компании во нашата земја важат за потврдено и проверено. И ние сме среќни за целата таа соработка што ја имаме со Словенија- рече Заев.
Тој истакна дека словенечките компании се инвеститори со 375 милиони евра во нашата земја и продолжуваат со своите инвестиции.
-Вчера имавме среќа, да објавиме заедно со претставник на компанијата „ТАБ МАК“ нова инвестиција од 25 милиони евра, која што ќе отвори нови 100 работни места во Северна Македонија. Ние имаме овде и значајна инвестиција од Северна Македонија, во Словенија. Тоа е компанијата „ИГМ“, која што направи инвестиција поголема од 45 милиони евра, отвори доста работни места, каде што во соработка со Владата и со локалната самоуправа навистина претставува нов извозен капацитет на Словенија, кој што отвори работни места и го зголемува Бруто домашниот производ (БДП) на Словенија.
Премиерот Заев истакна дека верува во можноста за унапредување на трговијата, која што е 300 милиони евра, помеѓу нашите две земји.
-Премиерот на Словенија, постави еден убав таргет, од 500 милиони евра. Ние, како политичари, ќе бидеме овде, тоа да го овозможиме, а нашите компании токму тоа и да го постигнат, затоа што навистина сме земји пријатели. Нашето пријателство е познато, уште од времето на поранешна Југославија, продолживме со тоа големо пријателство од самостојноста на нашите две земји и Словенија важи за еден од најголемите пријатели на граѓаните на Република Северна Македонија-истакна Заев.
Премиерот претходно оствари и средба со словенечкиот претседател, Борут Пахор.