Микроавтомобилите често се дефинираат како многу компактни автомобили со мали мотори, дизајнирани за употреба во големите градови, особено за земји како Јапонија. Во Јапонија ваквите автомобили се познати како кеи автомобили. Микроавтомобилите се навистина мали автомобили кои станале популарни во 1950-тите години. Во тој период и се појавил тренд кон малите автомобили со облик на јајце, па затоа микроавтомобилите земаат замав и се појавуваат на автомобилскиот пазар. Подоцна, настапуваат на сцена поголеми и помоќни автомобили со пристапна цена, за во 1960 година микроавтомобилите да престанат да се произведуваат. Повеќето микроавтомобили се напојуваат преку бензински или дизел мотори, но електричните погони се почести во последните години. Ова се неколку од најинтересните микроавтомобили во светот.
„Панхард дајнавиа“
Пред крајот на Втората светска војна, францускиот производител на автомобили „Панхард ет Левасор“ претпоставил дека повоената побарувачка за типични големи и скапи автомобили ќе биде ограничена и дека ќе биде потребен помал и помалку скап автомобил. Дизајнерот Луис Биониер, кој имал интерес за аеродинамиката, започнал со развојот на мал автомобил со две седишта. Тој ги набљудувал облиците и движењата на птиците и на рибите и според нив го создал концептот за својот микроавтомобил. Но реализацијата на автомобилот не била едноставна. „Панхард“ не добила дозвола и пристап до материјали потребни за продолжување на изградбата на автомобили. Во тоа време челикот бил со голема побарувачка и компанијата морала да се пренасочи кон алуминиумот како материјал за изградба на автомобилот. Но производството на алуминиум не било зголемено за време на војната. Фирмата подоцна добила не-ексклузивни права за користење на алуминиум од францускиот Национален алуминиумски конзорциум – АФГ, кој во тоа време исто така имал соработка со друг дизајнер за микроавтомобил.
„Месершмит кабиненролер“
„Месершмит кабиненролер“ или попознат како „Месершмит кабин скутер“ е серија микроавтомобили направени од „Месершмит“ од 1953 до 1956 година и од „Фарзуг и машиненбау“ во Регенсбург од 1956 до 1964 година. Платформата „кабиненролер“ се користела кај четири микроавтомобили, „месершмит кп175“ (1953-1955), „месершмит кп200“ (1955-1964) и „месершмит кп201, како и „ФМР тг500“ (1957-1961). Користената платформа на сите четири автомобили е дизајнирана од Фриц Фенд. Фенд претходно изградил серија инвалидски возила. Фенд забележал дека и способните луѓе почнале да ги користат овие возила за личен транспорт и сфатил дека има потреба за вакво возило. При барањето на производителот за масовна продукција, тој го нашол „Месершмит“ кој го овозможил проектот за производство во својата фабрика во Регенсбург.
„Исета“
„Исета“ е микроавтомобил со италијански дизајн, изграден според различни лиценци во повеќе земји, вклучувајќи ги Аргентина, Шпанија, Белгија, Франција, Бразил, Германија и Обединетото Кралство. Поради својата форма на јајце и прозорци слични на меур, тој стана познат како меур („бабл“) автомобил, име кое исто така е дадено и на други слични возила. Во 1955 година, „исета“ стана првиот масовно произведен автомобил во светот за да се постигне потрошувачка на гориво од 3 литри на 100 километри. Тој беше најпродаваниот едноцилиндерски автомобил во светот со продадени 161.728 примероци. Првично произведени од страна на италијанската фирма „Исо СпА“, името „исета“ е италијански деминутивна форма на „Исо“, што значи „мало Исо“.