Во изминатите шест месеци илјадници жени во САД нарачале апчиња за прекин на бременоста преку Интернет, како последица на потешкотиите за изведување безбеден абортус, поради потпишувањето на новиот закон со кој се забранува абортусот во американската сојузна држава Алабама, пренесува „Гардијан“.
Податоците кои беа споделени со британскиот весник откриваат дека повеќе од 20.000 жени побарале лекови за абортус од хуманитарните организации кои имаат пристап до ваквиот тип на лекови во периодот од октомври минатата година до март годинава. На една третина од овие жени им биле доставени апчиња за прекин на бременоста преку пошта. Повеќето од жените кои ги примиле овие лекови живеат во државите со политики кои се противат на абортусот.
Жените кои ги примиле апчињата преку пошта опишуваат колку е очајно што немаат пристап до медицински услуги во местата каде што живеат. Некои дури преземаат и екстремни мерки за да ја прекинат бременоста.
Гувернерката на Алабама, Кеј Ајви, го потпиша предлог-законот за забрана на речиси сите видови абортус во таа сојузна држава, а на лекарите кои ќе ја извршат оваа интервенција им се заканува доживотен затвор.