Мечот Челси – Арсенал ќе се игра в среда, 29 мај (21 часот), на Олимпискиот стадион во Баку, кој има капацитет од околу 70.000 места
Во финалето на второто по ранг и квалитет европско фудбалско клупско натпреварување, Лига Европа (ЛЕ), ќе се сретнат англиските и лондонски ривали Челси и Арсенал. Ова ќе биде втор нивни европски меч, по оној во четврт-финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) во сезоната 2003/2004, кога триумфира Челси со вкупни 3-2 (1-1 и 2-1).
За првпат еден ваков меч ќе се игра во Баку, Азербејџан, в среда, 29 мај (21 часот), на Олимпискиот стадион, кој е отворен во 2015 година и на кој ќе се играат три натпревари во рамките на Европското првенство (ЕП) 2020 година. Стадионот е со капацитет од околу 70.000 места, што значи дека ќе биде урнат и рекордот според бројот на гледачи во финале на ЛЕ, 62.000, од мечот Парма – Марсеј, во 1999-та во Москва. Двата клуба и нивните навивачи имаа многу забелешки поради малкуте влезници што им ги одреди УЕФА (по околу 6.000), што беше условено од проблемите при транспортот за Баку, кој од Лондон е оддалечен 3.970 км, во еден правец!
Номинално Челси е „домаќин“, што значи дека ќе има право да ја избира бојата на дресовите (сина) доколку има „судир на интереси/бои“, што во случајот не е проблем затоа што клупската боја на Арсенал е црвена, со бела на ракавите.
Ова ќе биде прв натпревар во ЛЕ на кој ќе се користи системот за видеоасистент-судија (ВАР). Ќе биде дозволена и четврта замена на играч за двата тима, доколку се играат продолженија, 2х15 минути.
Главен судија ќе биде Италијанецот Џанлука Роки (45), со италијански помошници, прво за него во ЛЕ, откако на две финалиња, во 2017-та меѓу Манчестер јунајтед и Ајакс и во 2010-та Атлетико- Фулам, беше четврти судија. Роки ја делеше правдата и на УЕФА-суперкупот, Реал – Манчестер Ј., 2017-та во Скопје.
Победникот ќе го добие трофејот тежок 15 кг, најтешкиот од сите што ги доделува УЕФА, кој е без рачки! За играчите и за другиот клупски персонал на двата тима се обезбедени и по 40 медали. Покрај тоа, победничкиот тим ќе си обезбеди настап во групната фаза во ЛШ и ќе заработи околу 8,5 милиони евра. Во конкретниот случај, Челси веќе си обезбеди настап во ЛШ со пласманот меѓу четирите најдобри во Премиер-лигата, што значи дека Арсенал, доколку победи, ќе биде петтиот англиски тим во најквалитетното натпреварување следната 2019/2020 сезона.