Со првиот натпревар што викендов ќе се вози на автодромот во Кичево, стартува шампионатот во брзински автомобилизам на кружни патеки. На првиот годинешен натпревар се очекува да земат учество околу 25 возачи од десетина клубови во земјава, а технички организатор на воведниот натпревар е АК Кастум Кар од Скопје.
Инаку овој натпревар според прелиминарниот календар требаше да се одржи на 13 и 14 април, но поради презафатеност на хроно екипата со трки во Босна, истиот е одложен и презакажан за претстојниот викенд.
-Со првиот натпревар што ќе се одржи на автодромот во Кичево овој викенд, се отвара сезоната во брзински автомобилизам на кружни патеки. Според програмата во сабота претпладне е техничка верификација на возилата, кои ќе бидат поделени во шест класи. Во 12 часот ќе биде неофицијалниот тренинг, додека еден час подоцна следи и официјалниот тренинг за стартни броеви. Во недела во 9.30 часот ќе се одржи брифинг за возачи, од 10 часот е слободниот тренинг, за 11.30 е закажано свеченото отварање на натпреварот, додека во 12 часот стартуваат првите трки. Во оние класи во кои бројот на возачи е мал, ќе бидат споени во дивизии- информираше техничкиот организатор.
За една седмица поточно на 25 и 26 мај е и вториот натпревар кој ќе се вози на истата локација на автодромот во Кичево.