Карим Бензема беше меѓу најзаслужните за пласманот на Реал Мадрид во ново финале на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), постигнувајќи два гола во ремито со Баерн 2-2 (вкупни 4-3 во полуфиналниот двомеч), во вечерашниот натпревар на „Сантјаго Бернабеу“, во пресрет на кој беше неизвесно дали ќе се најде во почетната постава.
Тој беше резерва на првиот дуел во Минхен (влезе во игра во 67-та минута), што „кралевите“ го добија со 2-1, а постојано е критикуван поради променливата форма, па се соочува со бројни гласини дека ќе го напушти Реал налето (англиските Челси и Арсенал, наводно, се заинтересирани за него).
Бензема, сепак, ја оправда довербата на тренерот Зинедин Зидан, запишувајќи се во листата на стрелците во 11-та и во 46-та минута, откако претходно Џошуа Кимих го отвори резултатот во третата минута. Хамес Родригез го постави конечниот резултат во 63-та минута.
Францускиот напаѓач на тој начин стана петти стрелец во историјата на престижното натпреварување со 55 погодоци. На листата пред него се наоѓаат Руд ван Нистелрој (56 гола), Раул Гонзалес (71), Лионел Меси (100) и Кристијано Роналдо (120).
Актуелниот двократен европски првак Реал, ќе игра против подобриот од утрешниот дуел Рома – Ливерпул (прв меч 2-5), во финалето на ЛШ, во Киев на 26 мај.