Помеѓу политичките и државнички успеси на Ким, кого често го исмејуваа и го опишуваа како „психопатски диктатор“, се средбите со лидерите на светските суперсили – од кинескиот претседател Си Џинпинг, двата самита со Доналд Трамп до неодамнешните разговори со рускиот колега Владимир Путин. Сега интерес за директни разговори со лидерот на Северна Кореја изрази и јапонскиот премиер Шинзо Абе
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун повеќе години беше еден од најизолираните државници во светот, но тој успеа минатиот период да оствари повеќе надворешнополитички успеси. Помеѓу политичките и државнички триумфи на Ким, кого често го исмејуваа и го опишуваа како „психопатски диктатор“, се средбите со лидерите на светските суперсили – од кинескиот претседател Си Џинпинг, двата самита со Доналд Трамп до неодамнешните разговори со рускиот колега Владимир Путин. Сега интерес за директни разговори со лидерот на Северна Кореја изрази и јапонскиот премиер Шинзо Абе, оценува „Геополитика“.
На оние што до неодамна му се потсмеваа на Ким и неговиот изглед и манири, сега, како што наведува порталот, сега ништо друго не им останува освен да признаат дека тој ги надигра нивните моќни идоли на глобалната политика, на кои целиот свет мора да им се плаши, бидејќи во спротивно ќе се соочат со одмазднички гнев. А севернокорејскиот лидер целото тоа време трпеливо и паметно ја градеше својата надворешна политика и модели за решавање на кризата на Корејскиот Полуостров.
Неговата визија во суштина е многу едноставна, не е прагматична и многу е реална, иако тоа во американските политички кругови не сакаат да го видат, ниту, пак, да го признаат, па постојано зборуваат за појаки или послаби санкции и за можните отстапки. Едноставната стратегија на Ким за решавање на корејската криза се состои од три клучни елементи – запирање на американско-јужнокорејските воени маневри, повлекување на сите американски војници и затворање на нивните бази во Јужна Кореја во замена за конечно и целосно затворање на севернокорејската нуклеарна програма, целосно укинување на американските и меѓународните санкции во замена за отворање на пазарот на Северна Кореја и понатамошна интеграција на оваа земја со јужниот сосед. Во неговата стратегија нема никакви скриени елементи, исто како што и нема никаков маневарски простор за отстапување или измена на споменатите барања.
Барањата на Ким се јасни и втемелени на реалната политичка и воена состојба на Корејскиот Полуостров. Стратегијата на севернокорејскиот лидер прикриено ја поддржува и Јужна Кореја, која како важен американски сојузник не смее и јавно да го соопшти тоа. Нејзин клучен елемент е воената сила на Северна Кореја, пред сѐ нуклеарната и ракетната компонента, без која стратегијата би била обичен лист хартија. Да не беше оваа стратегија, моќната американска воена машина веќе одамна ќе ја пеплосаше Северна Кореја, исто како што направи и со Ирак на Садам Хусеин и Либија на Моамер Гадафи, кои не поседуваа нуклеарно оружје.
Американската администрација, според „Геополитика“, се наоѓа во незгодна ситуација: Северна Кореја дефинитивно ја отстрани опасноста од американска воена интервенција, добивајќи, покрај Кина, уште еден моќен сојузник – воената суперсила Русија, која на глобален план сѐ повеќе се судира со САД и активно влегува во просторите што за Вашингтон не се достапни, како што се Венецуела, Куба, Сирија, Иран, но и на областите во кои Американците традиционално се присутни, како Турција, Египет и Африка во целина. Покрај тоа што Москва добива нова карта за големата „партија покер“ со Вашингтон, Русија сега сака преку политичката и економската соработка активно да влезе и на геополитичката сцена на Далечниот Исток. Делумно сама, делумно во договор со Кина, Русија во тој регион се труди да формира регионален круг на соработка, во кој, покрај овие две земји, би се вклучиле и Монголија, двете Кореи и, што е уште поважно, Јапонија. Јапонија, исто како и Кина, е многу заинтересирана за рускиот енергетски проект „Северен морски пат“. Откако францускиот енергетски гигант „Тотал“ и две кинески државни енергетски компании добија вкупно 30 отсто удел во големиот руски енергетски проект „Арктик ЛНГ2“, сѐ поотворено се говори дека десет проценти ќе добијат и две големи јапонски компании од областа на енергетиката.
Но, за да може Јапонија сериозно да смета на соработката со соседните азиски копнени воени или економски гиганти, земјата мора нужно да поттикне поактивни политички процеси, надвор од доминантните, безбедносни теми и теми поврзани со територијалните спорови во околните мориња. По сѐ изгледа, Токио токму и тоа го прави. Премиерот Шинзо Абе во интервјуто за весникот „Санкеи Шимбун“ зборуваше за својата желба за средба со севернокорејскиот лидер.
– Не можеме да ја скршиме атмосферата на меѓусебна недоверба помеѓу Јапонија и Северна Кореја, доколку јас директно не се сретнам со господин Ким. Со него би сакал средба без никакви предуслови и да имаме отворен разговор – истакна шефот на јапонската влада.