Сена беше човек мотивиран да успее, да победува, да се натпреварува со брзините, што го направи и посебен во овој спорт. Надвор од патеките, пак, се обидуваше да прави добри дела, даваше милиони долари во добротворни цели, а семејната фондација ја продолжи неговата работа на образовање на сиромашните деца во Бразил
ИЗМИНАА 25 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА АИРТОН СЕНА
На 1 мај се навршија 25 години од смртта на, според многумина, најдобриот возачи во формула 1, Бразилецот Аиртон Сена. Легендарниот Сена загина во 1994 година, возејќи за Големата награда на Сан Марино, поточно на патеката во Имола, кога неговиот сино-бел болид при брзина од 319 км/ч удри директно во оградата во кривината позната по името Тамбурело.
Тој мај плачеше целиот спортски свет. Ф1-натпреварувањето остана без еден од најдобрите возачи на сите времиња, а светот без човек со големо срце. Таа празнина и болка и по 25 години сѐ уште тлеат.
Сена беше човек мотивиран да успее, да победува, да се натпреварува со брзините, што го направи и посебен во овој спорт. Надвор од патеките, пак, се обидуваше да прави добри дела, даваше милиони долари во добротворни цели, а семејната фондација ја продолжи неговата работа на образовање на сиромашните деца во Бразил.
Ни четвртвековната анализа не даде конечен суд што всушност се случи во седмиот круг на таа трка, иако постои мислење дека поради намалениот притисок на неговите пневматици, болидот на Вилијамс загребал по подлогата на левата кривина, што довело Сена да ја загубил контролата врз него, но и онаа верзија дека откажал управувачкиот механизам на болидот. Повредата на главата од стравичниот удар била кобна за Сена. И покрај напорите на докторите покрај патеката, тој во болницата во Болоња бил однесен без знаци на живот.
Неколку луѓе што имале пристап до Сена во Имола ја опишале неговата ментална состојба тој викенд.
Фоторепортерот Џон Николсон, кој го следел Сена на неговите трки, изјавил дека Бразилецот и во првата трка таа година во Интерлагос, кога се свртел на патеката пред своите навивачи со новиот болид, како и на втората во Јапонија, кога уште во првата кривина имал несреќа, знаел дека Сена, кој пред тоа го напушти Мекларен (за да му се придружи на тимот чии болиди доминирале во претходните две сезони), бил фрустриран поради слабите перформанси на новиот болид, како и неочекуваниот притисок на девет години помладиот Михаел Шумахер. А сето тоа беше и пред несреќата на неговиот сонародник Рубенс Баричело, кој во петокот бил блиску до смртта на патеката, како и загинувањето на неговиот добар пријател, Австриецот Роланд Ратзенбергер, ден пред трката во Имола.
Фоторепортерот Николсон тој викенд снимил многу фотографии, а една што ја објавил пред неколку месеци од својата архива и е направена во гаражата на Вилијамс, додека Сена стоел до своето возило и се подготвувал за утринскиот тренинг, се чини доволно зборува за неговата психичка состојба тој викенд.
– Ја погледнав таа фотографија и просто се стресов. Изгледаше како Сена веќе да исчезна, како да не е веќе дел од овој свет – се присетува Николсон.
Само 30 часа подоцна, додека безживотното тело на Сена со хеликоптер го подигнуваа кон небото и го носеа преку ридот, спортот сепак не изгуби светец, туку засекогаш фасцинантен јунак во овој спорт.
– Конкуренцијата е во мојата крв, таа е дел од мене, дел од мојот живот. Секој возач има своја граница, мојата граница е малку подалеку од другите – истакна во една пригода славниот Бразилец.
Во декември 2009 година, британското списание „Автоспорт“, според гласовите на 217 возачи, го прогласи Сена за најдобар возач на сите времиња,
– Ентузијазмот, љубопитноста и енергијата кај Сена беа неверојатни. Да не загинеше, можеби сега ќе беше претседател на Бразил – изјавил во една пригода за британски Скај спорт, Андријан Неви, дизајнерот на болидот Вилијамс, во кој загина Сена.
Сена починал на 34 години, освојувајќи три титули светски шампион (1988, 1990, 1991). Во кариерата настапил 162 пати, а постигнал 41 победа, додека од пол-позиција стартувал 65 пати. Во формула 1 дебитирал во 1984 година на Големата награда на Бразил, во екипата на Толеман. Потоа возеше за Лотус три години и во секоја сезона славеше на две трки. Неговата доминација започнала во 1988 година, кога возел во Мекларен, додека во 1994 година се преселил во Вилијамс и загина во својот трет настап.