Голем број граѓани во Македонија традиционално ги посетуваат излетничките места на меѓународниот празник на трудот, 1 Мај, додека овој датум низ светот најчесто е одбележан со големи протести.
Меѓународниот празник на трудот во државите од регионот се одбележува различно, со помали и воглавно симболични протести на синдикалците и со излети во природа. И во Македонија овој ден не се одбележува политички, но е синоним за подготвување на скара и на излети во природа. Во повеќето светски земји овој ден е прогласен за државен празник.
Тој се одбележува во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго, САД, повеќе десетици илјади работници излегле на улиците, барајќи подобри услови за работа и доследна примена на осумчасовното работно време.
Донесена е одлука 1 Мај да се одбележува со масовни собири, протести и пригодни манифестации, на првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година. Официјално е прогласен за Меѓународен празник на трудот на Вториот конгрес во 1891 година.