Во заседа во Шпанија бил убиен Зијад Нурковиќ од Рожае, кој важи за близок соработник на кланот Алан Кожара. Непознато лице од огнено оружје пукало во него додека бил во возилото со сопругата и ќерката, во едно место во близината на Малага, потврдија од полицијата на Црна Гора.
Според сознанијата на „Победа“, Нурковиќ туристички престојувал во Шпанија, а нападот бил извршен во четвртокот вечерта минатата недела. Шпанската полиција се обидува да ги открие убиецот и околностите под кои е извршена ликвидацијата. Како мотив за убиството се споменува трговијата со дрога.
Нурковиќ ѝ е познат на полицијата како близок соработник на Алан Кожара, кој е поврзан со водачот на Земунскиот клан, Лука Бојовиќ. Во судирите меѓу криминалните кланови беа убиени повеќе лица, пренесува Бета.
Викендот во црногорскиот град Котор е убиен 69-годишниот Веселин Вукотиќ, татко на водачите на криминалниот Шкаљарски клан, Јован и Игор Вукотиќ.
Како што соопшти црногорската полиција, Вукотиќ бил застрелан со повеќе куршуми пред неговата куќа, од страна на засега неидентификувано лице, кое побегнало во непознат правец. Мотивите за убиството на Вукотиќ засега не се познати.
Шкаљарскиот и Кавчанскиот се два криминални клана од Котор што последниве години водат меѓусебна војна, при која досега се убиени над 30 лица. Двата клана во минатото беа дел од една криминална група, но откако кон крајот на 2014 година во шпанскиот град Валенсија исчезнаа околу 300 килограми кокаин што ѝ припаѓаа на групата, таа се подели на шкаљарци и кавчанци.