Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Македонија можеа да гласаат во првиот круг од шестите претседателски избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
На 3.480 избирачки места во Републикава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанини запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7 часот.
Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска информира дека гласањето не се одржа на едно гласачко место во општина Студеничани, бидејќи отворањето доцнеше повеќе од три часа.
Одзивот во првиот круг на претседателските избори до 17 часот изнесуваше 35,13 проценти. Според првичните оценки на ДИК, МВР и набљудувачите, изборниот ден помина мирно и без проблеми.
На претседателските избори граѓаните можеа да избираат меѓу кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата на Албанците и Движењето Беса.
Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.
Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.
Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови,се повторува целата изборна постапка.
Вчера, ден пред изборите, гласаа иселениците, лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лица што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа четворица претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и актуелниот Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.
Претседателските избори ги следеа 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, акредитирани од ДИК.