Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај вели дека на самитот на лидерите од Западен Балкан во Берлин, што ќе се одржи на крајот на месецов во организација на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, не може да се очекува предлог за конечен договор меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџај денеска на прес-конференција изјави дека дури по овој самит, односно во текот на ова лето, „ќе се види како Европската унија ќе го третира регионот, со отворањето на преговорите со Македонија и Албанија и со визната либерализација за Косово“.
Од средбата на 29 април во Берлин, каде што во фокусот ќе бидат односите Косово – Србија, според Хоџај, „може да се очекуваат пораки, временски рокови или предлози за продолжување на дијалогот, но не и договор“.
– Ова е мултилатерална средба која ја организираат Германците и Французите и на која ќе учествуваат лидерите на државите од Западен Балкан. А, на вакви мултилатерални средби не можете да очекувате некаков договор. Таков е форматот на средбата – изјави поранешниот шеф на косовската дипломатија и актуелен потпретседател на Владата во Приштина.
Според Хоџај, главната цел на средбата во Берлин е дијалогот Приштина – Белград, „но не и постигнувањето договор или дискутирањето за неговите модалитети“.