Министерството за одбрана на Црна Гора на последниот тендер за продажба на вишокот оружје и воена опрема понуди значајно количество од оружјето со кое располага црногорската војска. „Вијести“ дојде до списоците на оружјето што се понудени на продажба и ги објави цените што се одредени од комисијата на Директоратот за материјални ресурси.
Соговорникот на весникот, кој сака да остане анонимен и кој долги години се занимава со продажба и посредување во трговијата на воена опрема, смета дека понудените цени се ниски, особено за пешадиското оружје. Од Министерството за одбрана, по распишувањето на тендерот за продажба, изјавија дека тендерските цени не се во диспаритет со цените на светскиот пазар, а тоа го поткрепуваат со фактот што не се продадени сите понудени количества оружје.
На листата за продажба, како најатрактивни за купувачите, се автоматските пушки „застава М-70“, со калибар 7,62 мм. Од овие пушки, за продажба се понудени 11.300 парчиња, кои се од југословенска верзија на познатиот „калашњиков АК-47“. Почетната цена за пушките, кои се малку употребувани, изнесува 65 евра за парче. Овие пушки на некои пазари во светот можат да се продадат по цена најмалку од 300 до 350 долари за парче, пишува „Вијести“.
Слична е состојбата и со пушкомитралезот „М-84“, со калибар 7,62 мм, кој се продава за 600 евра. Ова оружје на секундарниот пазар за оружје може да достигне цена до 1.500 долари. Различните модели на пиштоли се продаваат од 30 до 60 евра за парче.
На јавна продажба биле ставени и три самоодни противоклопни ракетни лансери „М-83“, од типот „маљутка“, а почетната цена за едно возило е 100.000 евра.
Најскапата опрема и оружје што се понуди на тендерот на Министерството за одбрана на Црна Гора е од морнарицата. Ракетниот брод од 404 класа „Раде Кончар“ се продава за почетна цена од 1,5 милион евра. На купувачите им се нудат и четири далечински управувани противмински подморници „ПАП-104“ од француско производство, кои се продаваат по пет илјади евра.