Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во делот на обновливите извор на енергија, Македонија, со 18 до 19 отсто енергија во финалната потрошувачка, нема да ја постигне поставената цел од 23 проценти

Најголемо учество во домашното производство на струја имаат термоцентралите, кои обезбедуваат најголем дел од електричната енергија во земјава. Извештајот на Државниот завод за статистика за јануари покажува дека од вкупното производство на електрична енергија, дури 59,8 отсто е добиена од термоцентрали, а од обновливи извори на енергија како водата, сонцето и ветрот биле само 20 проценти. Притоа може да се забележи дека најголем дел од енергијата добиена од ОИЕ е од водата, поточно од хидроцентрали. Од Министерство за економија посочуваат дека ваква е состојбата во текот на целата година поради фактот што во нашата земја има далеку поголем инсталиран капацитет на хидроцентрали во однос на фотонапонските електроцентрали.

– Македонија има ОИЕ како хидро, кое постои повеќе од 80 години. Во поново време се актуелни фотоволатиците, ветерните електроцентрали и енергија од биомаса. Државата треба вложува во сите технологии, и во мали и во големи хидроенергетски објекти, фотоволтаици, ветерни централи и технологии на биомаса од животинско и растително потекло. Само би напоменал дека хидроенергетските капацитети треба максимално да се форсираат, а другите да бидат контролирани за да има балансирање на моќноста и енергијата во електроенергетскиот систем. Премногу висока пенетрација на ОИЕ и истовремено без контрола од операторот може да предизвика проблем во системот – вели професорот Антон Чаушевски, од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Тој истакна дека е важно да се инвестира во сите технологии, а за изградбата на големи хидроенергетски капацитети како „Бошков мост“, „Луково поле“, „Чебрен“ и „Галиште“ или, пак, хидроцентралите на Вардарска Долина државата треба да најде начин за финансирање со или без приватно партнерство. Бидејќи фотоволтаиците и ветерната енергија или технологиите на биомаса се релативно нови и се имплементираат во последните 10 години, професорот смета дека нивна експанзија може да очекуваме во наредните пет години.

До 2020 година Македонија треба да ја оствари целта и од обновливи извори на енергија да обезбеди 23 отсто во бруто-финалната потрошувачка на енергија. Од Министерството за економија посочуваат дека целта за 2030 година сѐ уште не е утврдена, во тек е консултативен процес во рамките на Енергетската заедница. Оттаму додаваат дека во тек е и изработка на стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, во согласност со стратегиските определби на ЕУ.

– За да се постигне енергетска транзиција се предвидува во стратегијата да се разработат три сценарија. Уделот на ОИЕ во вкупната потрошувачка на финална енергија се зголемува во сите сценарија, достигнувајќи 30-40 отсто до 2040 година. Сите три сценарија ќе имаат голем пораст на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија (7 пати повеќе во 2040 наспроти 2017 година). Хидроенергијата треба да го задржи својот најголем удел во производството на електрична енергија, но фотонапонските и ветерните електроцентрали може да бидат најбрзо растечки технологии – велат од Министерството за економија.

Оттаму појаснуваат дека во стратегијата не се разгледуваат хидропроекти, кои се наоѓаат во заштитени подрачја како Бошков Мост и Луково Поле. Истакнуваат дека изградбата на нови мали хидроцентрали внимателно ќе се проценува за да се избегне ризикот од диспропорционално влијание врз животната средина во споредба со произведената електрична енергија.

– Дополнително, капацитетите на водоснабдителните претпријатија треба да се искористат за изградба на мали хидроцентрали, ако за тоа постојат економски и технички оправдани услови. За да се поттикне домашното производство на ОИЕ и локалните бизниси, се разгледуваат два вида финансиски механизми, повластени тарифи и повластени премии. Во согласност со уредбата на Владата за ОИЕ, премиите ќе се доделуваат во тендерска постапка – додаваат од Министерството.

Поранешниот професор од Машинскиот факултет во Скопје, Константин Димитров, смета дека државата треба да вложува во сите типови производство на електрична енергија од обновливи извори.

– Потребно е максимално да искористиме сѐ што нудат обновливите извори со кои располагаме за да се ослободиме колку можеме повеќе од користењето на фосилните горива.

Ова ќе биде придобивка за цела држава од два аспекта, од една страна ќе се намалат трошоците за увоз на фосилни горива, а од друга страна ќе се намали и загадувањето – истакна Димитров. Додава дека приоритет треба да бидат хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, кои би требало да бидат реверзибилни електроцентрали, бидејќи со вишокот енергија можат да ја вратат водата назад и истата пак да се користи за производство на струја.

При последната посета на Македонија, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, посочи дека во делот на обновливите извори на енергија Македонија со 18 до 19 отсто во финалната потрошувачка нема да ја постигне поставената цел од 23 проценти. Истакна дека мора да се забрза изградбата на нови капацитети за производство на обновлива енергија, а недостига и користењето на биогорива во транспортот.

– Македонија има наменето 42 милиони евра годишно за поддршка на обновливи извори на енергија, што е највисок износ во регионот, но најважната работа е да се воведат опции, кои се веќе во законот, а подзаконските акти да бидат усвоени во следните недели. Требаше да се направи порано – рече Копач.


Повластена тарифа и премии за производители на струја од ОИЕ

Директивите од областа на обновливи извори на енергија се транспортирани во новиот законот за енергетика донесен во мај 2018 година, по што следуваа и подзаконските акти.
Во делот за обновливите извори на енергија се предвидени стимулативни мерки за поттикнување инвестиции во обновливи извори на енергија, поточно повластена тарифа или пропишан паричен износ, кој се доделува за откупената електрична енергија од страна на операторот на пазарот, како и премија како дополнителен износ на цената, која ја остварил со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на големо.
– Донесена е Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители во која се предвидени 30.000.000 денари за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители, кои користат премија како дополнителен износ на цената, која ја остварил со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија – велат од Министерството за економија. Оттаму најавуваат меѓународен тендер за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали. Предмет на тендерската постапка е доделување на правото на производителот на електрична енергија од обновлив извор на енергија да користи премија како дополнителен фиксен износ на цената, која ја остварил со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија на големо.


Политички викенд-расправии за енергетиката

Распишан тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК „Битола“, инвестиција вредна 20,4 милиони евра, кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори, најави вчера премиерот Зоран Заев.
– Инвестицијата во системот на електростатските филтри е значајна бидејќи придонесува и во заштита на животната средина во земјава – нагласи Заев. Посочи дека во ист период се планираните тендери за изградба на ветерен парк во Богданци, втора фаза и во Миравци, а за наесен е најавен почетокот на изградбата на топлификација кон Новаци, Могила и Битола. Според него, овие проекти ќе значат подобар живот за граѓаните во овој дел од државата. Тој истакна дека државните електрани ќе имаат владина поддршка во сите проекти бидејќи, како што рече, без стабилен електроенергетски систем, нема стабилна држава.
– Парите што „Електрани на Северна Македонија“ ги заработуваат се враќаат во електраните. Порано парите се трошеа на непотребни проекти, на кои се исмејуваа граѓаните. Оваа реинвестирана добивка што се случува во филтри или во опрема, или во ископите ќе донесе нови вредности и нови профити за кои вреди да се работи – рече Заев.
Најголема опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека Власта не знае да менаџира со енергетскиот сектор, истакнувајќи дека РЕК „Битола“ и АД ЕЛЕМ две години чекаат инвестиции од власта.
– Заев имаше две години да направи каква било инвестиција во РЕК „Битола“, но тоа не го стори, затоа што капиталните инвестиции не му се приоритет, не му се ни сега, туку во изборна кампања ги лаже граѓаните. Десетина пати само оваа година во времетраење од неколку денови имаше испади на блокови во РЕК „Битола“, а секој испад ја чинеше државата над 200.000 евра. Бројот на испади откако е СДСМ на власт е огромен, а штетите по државниот буџет огромни. Зоран Заев и власта не знаат да менаџираат со енергетскиот сектор – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека минатата година поради неспособноста на власта неколкукратно беа поплавени охридското крајбрежје и населените места покрај реката Црни Дрим.


Вкупно бруто-производство на електрична енергија, јануари 2019
Термоцентрали 59,8%
Соларни електрични централи 0,1%
Ветерни електрични централи 2,0%
Хидроцентрали 19,9%
Биогасни централи 0,5%
Комбинирани централи и индустриски енергани 17,6%
Извор: Државен завод за статистика

[email protected]