Општината Илинден доби сертификат што потврдува дека има поволно деловно опкружување. Ова признание го доби во рамките на регионалната конференција за промоција на поволно бизнис-опкружување во Југоисточна Европа наречена „Партнерство за конкурентен регион“ во Белград, Србија.
На меѓународната конференција учествуваа високи владини претставници на земјите од Југоисточна Европа, претставници на Европската Унија и претставници на меѓународни финансиски институции.
Сертификатот за поволно деловно опкружување на Југоисточна Европа (БФЦ СЕЕ) претставува единствена програма за подобрување на квалитетот на услугите и информациите што општините од регионот на Југоисточна Европа им го нудат на компаниите, во рамките на која сертификати се доделуваат на општини од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина. Станува збор за сертификат што потврдува дека општините нудат ефикасна и ефективна услуга за стопанствениците и потенцијалните инвеститори.
Целта на програмата за сертификација, која патем е единствена ваква иницијатива во регионот на Југоисточна Европа, влијае на создавање побрза и поефикасна администрација, која треба да ги отстрани пречките за забрзаниот развој на стопанството, да овозможи подобри резултати во привлекување на домашни и на странски инвестиции, да воведе нови технологии и да креира нови работни места и модернизација на општеството.
Од општината Илинден велат дека нивната локална самоуправа зазема значајно место од целиот процес на сертифицирање, кој е наменет за општините што имаат соодветен капацитет и стратегиски се определиле да ја подобрат деловната клима, да привлечат инвестиции и да го стимулираат локалниот економски развој.
Градоначалникот на општината Илинден, Жика Стојановски, на настанот се сретна со повеќе државници од земјите на Југоисточна Европа и со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.