Веќе подолг временски период пишувам, посочувам, укажувам, порачувам, препорачувам и, како што велат, кажувам мисли и многу други мои размислувања во печатени или електронски медиуми во областа на демографските или образовните состојби во државава Република Северна Македонија. Затоа сега ќе се осврнам повеќе на образованието. Основно е дека доста и доволно слушавме, читавме и коментиравме како е нашиот образовен систем во сите негови степени, започнувајќи од основното, средното и високото образование. За да бидам коректен докрај, можам слободно да кажам дека многу добро ми е познато особено основното образование, бидејќи и сум работел во истото тоа, а особено и сега, кога бев на работното место секретар на општината Центар. За средното образование доволно ги анализирам состојбите, а за високото образование да не говорам, бидејќи по отворањето факултети во секое да не речам село, туку во секоја општина колку ги има и колку годишно има дипломирани сѐ ми е јасно не само мене туку и на целата македонска, европска и светска јавност.
Меѓутоа сега би се посветил само на една интересна појава која недоволно се анализира или на која недоволно ѝ се посветува внимание, а тоа е основното образование. Основно за него е што тоа со закон е задолжително. Потоа дека за него се собираат податоци во Државниот завод за статистика, и тоа за почетокот и крајот на учебната година. Собраните извештаи од основните училишта Државниот завод за статистика ги обработува и објавува прво како соопштение, а потоа како статистички прегледи, односно публикации. Сигурно е дека овие податоци ги има и надлежното министерство за образование и наука, но што од тоа кога немаме податоци за истото тоа. А зашто го велам ова? Затоа што Државниот завод за статистика ги објавува сите овие податоци во различни форми по неколку месеци или по седум месеци, кога и ќе заврши учебната година.
Овие денови од Државниот завод за статистика излезе соопштение со податоци за крајот на учебната година 2017/2018, или по седум месеци по нејзиното завршување. Меѓутоа за почетокот на учебната 2018/2019 година немаме уште никаков официјален податок каква е состојбата со бројот на училишта, паралелки, ученици, наставници и други податоци. Со ова сакам да кажам и прашам какви информации има јавноста навремено за состојбите во основното образование, а тука секако се мисли и на средното образование. Бидејќи овие денови добивме официјални податоци за состојбите за крајот на учебната 2017/2018 година, а претходно ги имавме за почетокот на истата учебна година, сакам да ви ја прикажам состојбата споредено каква била на почетокот, а каква на крајот на учебната година.
Добиените податоци побудуваат интерес и внимание за анализа, а особено за институциите надлежни за образованието. Од кој аспект? Од аспект на анализите мои што ги имам направено за почетокот спореден со крајот на учебната година 2017/2018. Доколку ги анализирате податоците на ниво на држава, состојбата е една, доколку ги анализирате на ниво на регион е друга, а доколку ги анализирате на ниво на општини е нешто трето. Сето ова бара доста време, простор и должина. Но за да бидам појасен, сосема накратко само да побудам интерес за расправа и подлабинска анализа, ќе се обидам да ви ја претставам мојата анализа, која реков дека е доста долга и заслужува повеќе внимание.
Значи, се работи за иста учебна година каде што бројот на училишта е намален од 989 на 988 или едно училиште помалку. Во однос на бројот на паралелки од почетокот до крајот на учебната година, бројот е намален за 257. Ако пресметаме колку ученици треба во согласност со законот за основно образование да има во една паралелка, лесно се добива колку недостигаат. Бројот на учениците од почетокот на учебната година, кој изнесувал 192.448, а на крајот 188.517, е намален за 3.931 ученик. Прашање е каде се учениците. Истовремено и бројот на наставници е намален за 113.
Во согласност со објавените податоци и според анализата што ја направив за сите одделенија од прво до деветто, бројот на учениците се намалува во сите одделенија од прво до деветто. Така погледнато, нивниот број го сочинуваа 3.931. Сето ова значи дека во текот на една учебна година во државава снемало 3.931 ученик. Затоа се поставува прашањето каде се тие. Меѓутоа во сето ова треба да се има предвид дека тука не се вброени учениците што повторувале и оние што останале неоценети, а тоа се 1.066 ученици. Ова значи дека од запишаните 192.448 ученици на почетокот на учебната 2017/2018 годината, на крајот на учебната година биле 188.517, а завршиле само 187.451.
Истовремено може да се каже дека деветто одделение завршиле 20.554 и се претпоставува дека истите тие треба задолжително во согласност со законот за средно образование да се запишат во прва година средно образование. Но дали е така сигурно, и за тоа треба посебна анализа. Пак се поставува прашањето каде се учениците. Веќе напоменав дека овие статистички податоци треба кај надлежните институции од сферата на образованието да побудат интерес, што е многу значајно прашање, а за другото знаеме и повеќе, а тоа е подолу кажано. Доволно е запознаена јавноста со состојбите во образованието и образовниот систем со години.
Констатацијата е дека лошо се работело. Не се обрнувало внимание на приемот на кадар, квалитетот, следењето на работењето, учебниците, оценувањето, а за што критиките доаѓаат од меѓународните организации. Сето тоа значи дека е опаднат квалитетот во образованието. Од тој аспект, оваа влада, односно надлежното министерство, презема низа мерки и активности кон подобрување на состојбите во образованието во поглед на програми за работа, учебници, број на паралелки со ученици, слободни активности, квалитетен образовен кадар, обуки, новини, иновации, интерактивна настава или низа и низа мерки за да се надминат сите негативни појави што се нанесени во изминатите десетина години.
Секако, сакам да напоменам дека постојат море и океани податоци во сферата на образованието, но тие треба да се читаат, анализираат и преземаат мерки и активности кон сите негативни појави што постојат и се присутни, а за истите тие говориме катадневно.
Затоа, на крајот не само што треба да им веруваме на бројките што ни одговараат и им посветуваме внимание повеќе, туку треба да мислиме и посветиме внимание на целокупниот систем и развој на државата, бидејќи само така се постигнува просперитет, развој, а особено рамномерен регионален развој.
М-р Дончо Герасимовски, аналитичар