Заложбите за нагласување и јакнење на европските основни вредности никогаш не била поважна, особено во пресрет на европските избори и најавениот подем на националистите и популистите. Да ги развиориме знамињата на ЕУ над домовите и канцелариите за да испратиме јасен знак дека Унијата нема да биде уништена од внатрешните или надворешните непријатели
Каде во Европа се најголеми шансите да го видите знамето на Европската Унија како гордо се вее над приватни куќи и згради? Одговорот е очигледен, иако можеби е чудно – во Обединетото Кралство. Знамето на ЕУ го веат граѓани што се плашат од идејата за брегзит. Дали е навистина потребно да го изгубиме тоа што го сакаме и ни треба за дури потоа да почнеме да го цениме?
Ние веруваме дека, како знак на нашиот заеднички европски идентитет, граѓаните на ЕУ треба, почнувајќи од 21 март, гордо да го прикажуваат знамето на Унијата. Имајќи го предвид предизвикот што го претставуваат националистите и популистите на изборите за Европскиот парламент во мај, заложбите за европските темелни вредности никогаш не биле поважни.
Веењето на знамето на ЕУ од нашите домови и канцеларии може да испрати непобитен сигнал дека Унијата нема да биде уништена од нејзините непријатели, внатрешни или надворешни.
Во ерата на зголемена несигурност, фрустрација и замрачување на нашата заедничка судбина, премногу Европејци изгледа дека се несвесни за долгата историја на преселби и војни што му претходеа на создавањето на ЕУ, како и досега невиден период на мир и просперитет што го постигнавме од 1950-тите наваму. За 70 години, заедничките европски институции го поткрепуваат заедничкиот пазар, еврото и енергичното проширување на индивидуалните права под заштита на Европскиот суд на правдата.
Освен тоа, моделот на европска социјална држава е светилник на цивилизацијата и пример за целиот свет. Вградувањето на Повелбата за основните права во Договорот од Лисабон ја круниса изградбата на интегрирана сфера од 500 милиони луѓе врз основа на демократијата, владеењето на правото и највисоката афирмација на човечкото достоинство. Кога патуваме со нашиот заеднички пасош на ЕУ, ние сме признаени и почитувани низ целиот свет како граѓани на клучен играч во светскиот поредок.
Овие достигнувања се под закана не само од внатрешните противници на Унијата, туку и од презирот прикажан кон ЕУ - всушност, кон сите мултилатерални институции – од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Институциите што веќе долго време ги поддржуваа и развиваа мирот, безбедноста и порастот на светската трговија, за Трамп претставуваат непријатели што треба да бидат поткопани, што е особено опасно имајќи ја предвид конфронтацијата меѓу САД и Кина. Денес, кинеско-американскиот спор ја нарушува светската трговија, а утре тоа може да биде светскиот мир.
Нема сомневање дека ние во Европа нема да можеме да го зачуваме она што го постигнавме во текот на изминатите седум децении, ако секоја земја-членка на ЕУ тргне сама по свој пат. На крајот на краиштата, дури и најголемата земја-членка на ЕУ, Германија, е минорна во споредба со САД и Кина. Сам никој од нас не може да се справи со огромните предизвици од технологијата, протекционизмот, климатските промени или меѓународниот тероризам.
Но, наместо да признаеме дека силата на Европа е во нејзиното единство, националистичките и ксенофобичните сили добиваат поддршка на Стариот Континент со ветувања дека ќе ги затворат нашите граници, ќе го уништат слободното движење и ќе ја потврдат националната контрола врз сите јавни политики. Драматичното зголемување на мигрантските текови, што во голема мера се должи на сириската граѓанска војна и на анархијата што преовладува во Либија, создадоа плодна почва за ксенофобите да ги шират своите пораки на омраза. Искористувајќи ја несигурноста што ја чувствуваат нискоквалификуваните работници и невработените лица, тие ги обвинуваат имигрантите за сите проблеми во Европа. Сепак, имајќи ја предвид демографијата на Европа, потребно е зголемување на приливот на квалификувани имигранти за да се зачуваат динамичноста на нашите економии и одржливоста на нашите здравствени и пензиски системи.
Да, европските институции и политики треба да минат низ длабоки промени за да се поврзат со разочараните граѓани. Мораме повторно да покажеме капацитет за поттикнување на порастот и инвестициите, за да одговориме на предизвиците на динамичните технологии и климатските промени и да го ревитализираме нашиот погрешен социјален модел. Мораме да покажеме дека нашите заеднички институции се способни и подготвени да ги слушнат барањата на исплашената јавност и дека можеме да дејствуваме заедно за да ги заштитиме нашите граници и да донесеме поголема сигурност во нашите понестабилни источни и јужни членки.
Но исто така постои и итна потреба да се мобилизира европското јавното мислење околу симболот на нашето единство и на нашите идни проекти: тој симбол е европско знаме. Поради оваа причина, во јануари еден од нас ја претстави идејата дека од 21 март треба да почнеме да го истакнуваме знамето на ЕУ на куќи, фабрики и на канцеларии. Тоа е првиот ден на пролетта, а ние би сакале да веруваме дека наредните европски избори ќе ја промовираат и новата пролет за европскиот проект. На тој датум исто така е и годишнина од смртта на Бенедикт, светецот-заштитник на Европа. Во еден од најмрачните часови од падот на Римското Царство, Бенедикт упати возбудлив повик за толеранција и верба за да се обнови чувството на заедништво наспроти нихилизмот и варварството.
Почнувајќи од овој март, да му го покажеме нашето знаме на светот, како симбол на нашето единство и нашите соништа и како знак на нов почеток во нашите напори за зачувување и продлабочување на европското единство. Дали пак можеби ќе го препознаеме тоа што го имаме само откако ќе биде предоцна?
Проди е бивш италијански премиер и претседател на Европската комисија. Микоси е поранешен генерален директор на Европската комисија