Колку се исплатливи и колкава е користа од патувањата на пратениците во странство? Според аналитичарите, повратните бенефиции од ваквите патувања се мали за државата, која за оваа намена троши многу пари. Сепак не е различна од кај нас ниту ситуацијата со патувањата на пратениците и од парламентите во регионот, кои исто така трошат големи суми за оваа намена
Колку граѓаните имаат придобивки од патувањата на пратениците во странство и колку рашетувањето по белиот свет помогнало некој наш пратеник воопшто да предложи квалитетен закон, со оглед на практиката законите да се доставуваат до парламентот од страна на извршната власт, односно Владата.
Или, со други зборови, дали на народните избраници местото им е повеќе меѓу своите избирачи, со нивна посета на села и општини низ државата и барајќи решенија за домашните проблеми, или за пратениците сепак се поатрактивни светските дестинации.
Овие дилеми станаа актуелни во домашната јавност откако Собранието неодамна информира дека собранискиот спикер и пратениците планираат да потрошат вкупно 500.000 евра за патувања, авионски билети и сместувања во хотели во наредните две години.
Според висината на планираната сума, тоа практично ќе значи дека во просек ќе се трошат по 680 евра дневно за патувања на пратениците, од кои по 340 евра за хотел и уште толку за авиобилети.
Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме тврдат дека, за жал, нашата држава издвојува многу пари за меѓународното дејствување на нашиот парламент, иако до некоја мера сето би можело да е оправдано во моментов, бидејќи се наоѓаме во клучен период за нашето членство во ЕУ и НАТО.
Сепак, аналитичарите додаваат дека откако ќе заврши оваа фаза на интензивна меѓународна соработка на земјата со странство, овие трошоци би требало да се сведат на неопходен минимум.
Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски вели дека ја разбира меѓупарламентарната комуникација на државите, која во суштина и треба да ја има, но тој истовремено не ги разбира висините на сумите што се трошат за оваа намена во Македонија, бидејќи сето тоа има само една куртоазна намена и зад тоа не стои суштинска и тежинска причина.
Аналитичарот вели дека комуникацијата на парламентот со меѓународната заедница е оправдана, но во мали количества, бидејќи ефектите од неа немаат никаква тежина, затоа што меѓународната политика ја спроведува извршната власт.
Според Кекеновски, истовремено и повратните бенефиции од ваквите патувања се мали за државата, која за оваа намена очигледно троши многу пари.
– Пратениците одат на овие меѓународни средби, комуницираат, учат се образоваат, но, за жал, тие многу малку од тоа потоа применуваат во својата работа – вели Кекеновски.
Според него, за жал, без разлика кој е на власт и какво парламентарно мнозинство имаме, навиките кај пратениците за оваа работа многу тешко се менуваат.
Универзитетскиот професор Лазар Лазаров смета дека во периодот што следува оправдано е Македонија во сите свои сфери на општеството да е многу меѓународно активна, а тоа подразбира и голем број патувања на нашите политичари и парламентарци.
Професорот истакнува дека овие суми ќе бидат оправдани сѐ додека не ги исполниме нашите евроатлантски аспирации, а потоа тие треба драстично да се намалат.
– Македонија е должна редовно да биде присутна во сите нивоа во НАТО и ЕУ, па и во пратенички комисии и патувања. На овој начин се стекнуваат многу искуства и се продлабочуваат соработките. Но тоа се случува само во патувања што имаат вистинска тежина и повод. Сепак, сите знаеме дека кај нас, за жал, има и таканаречени празни патувања, на кои пратениците едноставно се присутни во странство и земаат дневници и патни трошоци, а за тоа државата нема никаква повратна бенефиција – резимира Лазаров.
Во меѓувреме, од Собранието вчера информираа дека одуката за јавна набавка на услуги за потребите на парламентот за набавка на авиобилети, во висина од 13 милиони денари за две години, е дел од донација од Швајцарската агенција за развој за потребите на Парламентарен институт.
– Ова не значи дека сите средства задолжително ќе се потрошат, сѐ ќе биде во зависност од меѓународната активност. Дел од средствата се рефундира од организаторите, во зависност од настанот. Сега има актуелна рамковна спогодба со четири агенции и договорот е сукцесивен. За секоја набавка има посебно барање до четири компании и се избира најекономичната и најрационална понуда. Очекуваната провизија е 0,01 процент – велат од кабинетот на претседателот на парламентот.
Оттаму информираат дека двата тендера ќе бидат објавени на Европски сајт за јавни набавки за да може да конкурираат и меѓународни агенции, а постапката ќе трае 45 дена.
Според информациите добиени од кабинетот на претседателот на парламентот Талат Џафери, патните расходи за авиобилети за 2018 година биле 5,6 милиони денари.
Истите извори информираат дека Собранието на Република Северна Македонија има календар за претстојни активности од областа на меѓународната соработка, а за 2019 година се планирани 106 настани.
– Во Собранието има осум постојани делегации за мултилатерална соработка и 46 делегации за билатерална соработка. Има соработка на ниво на работни тела, на пример за соработка на Националниот совет за европски интеграции и Комисија за европски прашања, а дополнително претседателот на парламентот има посебна агенда – се вели во информацијата од кабинетот.
Во меѓувреме, судејќи по информациите публикувани во регионалните медиуми, ништо поинаква не е ни ситуацијата со патувањата на пратениците од парламентите во регионот, кои исто така трошат солидни суми на оваа намена.
Белградскиот весник „Блиц“ во свој осврт на случувањата во Србија информира дека тамошните пратеници за време на нивните службени патувања изминативе години летале во висока категорија и спиеле во хотели со минимум четири sвездички, а за оваа намена од државниот буџет се одлевале приближно 20 милиони динари.
Црногорскиот весник „Вјести“ пишува дека црногорскиот парламент неодамна распишал тендер вреден 150.000 евра, наменет за набавка на авиобилети за тамошните парламентарци.
Загрепскиот интернет-сајт „Т-портал“, пак, истакнува дека пратениците во хрватскиот парламент во првата половина од 2018 година, освен за редовните плати на пратениците, успеале да потрошат околу 5,1 милиони куни, пари наменети за кирија, дневници, авиобилети, хотели и надоместоци за одвоен живот.
Според порталот, рекордери во оваа област има еднакво и во редовите на двете најмоќни партии СДП и ХДЗ.