По долги натегања и неизвесност, британската премиерка Терезија Меј успеа да ја наговори Европската Унија на промени во договорот за брегзит и тоа оние клучните – што се однесуваат на регулирањето на границата помеѓу Република Ирска и Британија. Сепак, тоа не беше доволно за Меј да ги убеди британските пратеници, кои завчера повторно го одбија договорот за брегзит, пренесува „Геополитика“.
Претходно, портпаролот на британската премиерка, Дејвид Лидингтон, изјави дека Меј и претседателот на Еврокомисијата Жан Клод Јункер успеале да ги усогласат промените, што ќе бидат од корист за договорот. Тие треба да бидат одобрени од британските пратеници, кои доцна синоќа повторно требаше да гласаат за договорот за брегзит, поточно дали се за или против излегувањето на Британија од ЕУ со или без договор.
Лондон и Брисел наводно се договориле за неприменување на законите на ЕУ на границата на Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, односно Британија. Сепак, Јункер порача дека Унијата нема да прифати понатамошни одговори и отстапки.
– Нема да има трета шанса – предупреди првиот човек на Европската комисија.
Исто така, на британските пратеници ќе им биде предложено да гласаат за продолжување на преговорите со ЕУ. Доколку го поддржат таквиот предлог, тогаш Меј ќе мора да испрати и официјално барање до Унијата.
Од друга страна, Еврокомисијата ја разгледува можноста и за воведување казнени санкции против Британија во случај на одложувањето на брегзит. „Дејли телеграф“ наведува дека овие компензации би можеле да изнесуваат и по една милијарда фунти секој месец. Покрај тоа, веќе е познато дека при излегувањето од ЕУ, Британија ќе мора на Европската комисија да ѝ плати околу 39 милијарди фунти.
Истовремено, „Гардијан“ пишува дека Британија ќе ги укине царините на најголем дел од увезените производи како дел од привремениот план во случај на брегзит без договор. Па така, царините ќе бидат симнати на нула отсто за 87 проценти од увезените производи, но цените за некои производи, вклучувајќи ги и месото, чевлите, долната облека и автомобилите ќе се зголемат.