Денеска во Битола, во спомен собата на Кемал Ататурк во Заводот и музеј, беа одбележани 120 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола.

На одбележувањето присуствуваше делегација на вооружените сили на Република Турција, а церемонијата ја проследија заменик на амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, заменикот на началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин и други високи гости од Министерството за одбрана, Генералштабот и локалната самоуправа.

-Мустафа Кемал Ататурк токму во Битола го постави мостот на пријателството меѓу нашите две земји и тоа пријателство го градевме, го градиме и ќе продолжиме да го градиме – истакна заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, на денешното чествување.

Генерал-мајорот Нуредин наведе дека Република Турција е наш стратешки партнер.

– Посебно ја истакнувам соработката во сферата на одбраната која е започната во 1994 година, кога нашиот старешински кадар се упати на школување на престижните турски воено-образовни центри. Заедничкото учество во мисијата Одлучна поддршка во Авганистан е уште еден доказ за квалитетната меѓусебна соработка – нагласи генерал мајор Нуредин.

Турскиот бригаден генерал Алтан Ер посочи дека Битола, а воедно и Воената гимназија во Битола, има значајно место во животот на Мустафа Кемал Ататурк, посебно во здобивањето нови мисли, нови погледи и нови хоризонти.

– Воената гимназија во Битола е значајна образовна институција која придонела во оформувањето на лидерските особености на Ататурк- посочи бригадниот генерал Ер.

М.М.