Петнаесет лица се уапсени во вчерашната полициската акција „Призма“ спроведена против шверцери со дрога на подрачјето на Сараево, јавуваат босанските медиуми, притоа додавајќи дека полицајците извршиле претрес на десет локации.
Во акцијата што се одвиваше во потесното градско подрачје биле запленети дрога, пари и едно теренско возило.
Уапсените се на возраст од 20 до 37 години, а се товарат дека се дел од синџир што на наркопазарот дистрибуирал хероин, кокаин и марихуана.
Уште едно лице што е под истрага се наоѓа на издржување затворска казна, а едно лице е недостапно за полицијата поради што беше најавено дека акцијата продолжува.
Инаку, акцијата започна по повеќемесечната истрага на Федералната полициска управа и на Обвинителството на сараевскиот кантон.