Турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој вели дека телевизиската индустрија во Турција има буџет од околу 350 милиони долари и дека Турција се натпреварува со САД во телевизискиот и филмскиот сектор.
Ерсој за агенцијата Анадолија изјави дека турските телевизиски серии постигнале извонреден успех во однос на обемот на извозот, веднаш по САД.
Тој нагласи дека Турција, преку овие серии и филмови, има за цел да создаде конкретна слика за земјата онаму каде што тие се прикажуваат.
Ерсој истакна дека Министерството ја спроведува и платформата „Филминг Турки“ со цел натамошен пораст на публиката, како и на бројноста на филмовите.
Тој посочи дека оваа платформа ќе биде од корист во смисла на промовирање на „филмскиот туризам“ за уште поголемо збогатување на туристичката понуда низ цела Турција.
Како што пренесува Анадолија, Министерството има и разни тековни проекти на полето на ликовната уметност, во организирањето оперски и балетски претстави, како и отворање нови музејски изложби.
– За жал, стапката на туристи кои ги посетуваат музеите во Турција е половина од онаа во Европа – рече министерот Ерсој, нагласувајќи дека новите кампањи за промоција на музеите се планирани за април.