Некои пратеници на Парламентарното собрание очигледно со задоволство земале поклони и за возврат не ги објавувале критичните извештаи за човековите права во Азербејџан. Уште еднаш се покажа дека Европа себеси често се гледа како морален лидер, но таа не е тоа. Со други зборови, зошто учествуваме во сето тоа? Политичарите со добри плати, платени од европските даноци, седат во една маргинална институција, оценува „Дојче веле“
Нов скандал ја тресе Европа, откако беа обелоденети информации дека Азербејџан „наголемо“ поткупувал пратеници во Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ). Истрагата на независните експерти покажува дека некои сегашни и поранешни членови на ПССЕ го прекршиле кодексот на однесување и примале мито од Азербејџан, пренесуваат европските медиуми.
Во извештајот на 219 страници независни експерти заклучуваат дека голем број поранешни и сегашни членови на ПССЕ „работеле спротивно на кодексот на однесување“ и биле вклучени во „активности од коруптивна природа“. Според „Гардијан“, тие својата истрага ја ограничиле на Азербејџан, но тоа не е единствена држава против која се упатени обвинувања за постоење лобирање за пари, бидејќи обвинувања се упатени и до Турција, Украина и до Русија. Извештајот содржи податоци од истрага што траела десет месеци и се занимавала со обвинувања за подмитување во замена за лобирање, а нејзин фокус бил Азербејџан.
Според извештајот, од влегувањето во СЕ во 2001 година таа бивша советска република направила мрежа од симпатизери, благодарение на големи подароци. Станува збор за кавијар, скапи часовници и теписи, но и престој во луксузни хотели. На тој начин автократскиот Азербејџан успеал да спречи критички извештаи за избори или за состојбата со човекови права.
Макс Хофман, аналитичар од „Дојче веле“, оценува дека ако пратениците попрво примаат нелегални пари и подароци наместо да се борат против корупцијата, тогаш Советот на Европа повеќе не е потребен.
– Тоа што Русија и Турција нема што да бараат во институција, која официјално се залага за правна држава и демократија, треба да биде јасно. Но во Стразбур многу експерти сметаат дека нивното исфрлување нема да донесе ништо. Бидејќи тогаш повеќе нема да може да се влијае на Путин и на Ердоган. Слично се размислуваше и кога беше примен Азербејџан. Дека таа земја прво ќе биде интегрирана, а потоа во неа ќе бидат извезени европски вредности – истакнува Хофман.
Според него, Азербејџан своите вредности многу поуспешно ги извезува на Запад отколку обратно.
– Во ред, можеби зборот вредност е пресилен, но килими, луксузни производи и пред сѐ пари, за тоа се работи. Некои пратеници на Парламентарното собрание очигледно со задоволство ги земале тие поклони и за возврат, не ги објавувале критичните извештаи за човековите права во Азербејџан. Уште еднаш се покажа дека Европа себеси често се гледа како морален лидер, но таа не е тоа. Со други зборови, зошто учествуваме во сето тоа? Политичарите со добри плати, платени од европските даноци, седат во една маргинална институција. Мнозинството граѓани не ги интересира што работат тие. Дури ни на објективните набљудувачи не им е секогаш јасно дали тоа уште има смисла – додава Хофман.
Тој порачува дека политичарите, кои треба да се борат против корупцијата, ја подобриле состојбата на нивните сметки со нелегални средства, што сега е обелоденето.
– И тоа не е осамен случај, туку во тоа се вмешани повеќе членови на ПССЕ. Сите од земји што всушност имаат различни корупциски стандарди. На пример од Германија. Дали значи дека треба да се „затвори продавницата“? Таа не служи за ништо, ги чини пари европските даночни обврзници и фигурира како платформа за богатење корумпирани европски пратеници. Никој во европските институции или престолнини на ЕУ не би требало да се чуди ако сега стигнат такви барања. Но и контрааргументот е точен, подобро е меѓусебно да се разговара во такви форуми и да се залага за одредени вредности. Тоа е точно, особено во однос на Русија, каде што одржувањето дијалог може да го одржи мирот. Но Советот на Европа сега е нокаутиран. Ако не сака да биде нокаутиран, во Стразбур мора нешто итно да се промени. Луѓето што таму работат мора и да се борат за официјалните вредности на нивните институции. За сегашната „кавијарска дипломатија“ смее да постои само нулта толеранција – заклучува Хофман.