Анализа на д-р Сања Вујачиќ, „Геополитика“
Јуни, 1991, Баден-Баден: Дејвид Рокфелер, еден од кумовите на американскиот капитализам, ја отвора седницата на групацијата „Билдерберг“ (чиј основач е токму тој), како и Трилатералата, како нејзин претседавач. Пред насобраните големци: банкари, претприемачи, политичари и новинари, на кои им е забрането да ги објават заклучоците од седницата, изјавува дека светот е подготвен за „светска влада“. Навистина, Билдерберг и Трилатералата се како и секој друг клуб, значи тие се организации без формални овластувања, во кои дискрецијата е правило. Меѓутоа, со оглед на членството на овие клубови, нивното влијание врз естаблишментот е повеќе од очигледно.
Токму поради тоа, во годините што претстојат, улогата на „интелектуалните елити“ што Рокфелер ги собра во Баден-Баден ќе биде од најголемо значење. Таа улога, со голема доза цинизам, во неколку збора ја призна и објасни и самиот Рокфелер, во интервјуто од 1999 година за „Њузвик“: „Бидејќи владите (јавната власт) и онака треба да ги замени нешто, се чини дека приватната власт е вистинската солуција“. Цинизмот на Рокфелер од 1991-та во Баден-Баден ќе стане комуникациски тренд на новите светски интелектуални елити. Почнува ерата на нескриено практикување на логичката грешка „замена на тезите“ во политичката комуникација.
Приватната власт е моќ на пазарот, чија суровина се парите, односно капиталот. А од големата криза во 1929-та, Втората светска војна и формирањето на комунистичкиот блок, пазарите мораа да компонираат со други актери, најмногу со државите што го контролираа создавањето на парите, слободниот проток на капитал и банкарскиот систем. Тука беа и правилата дефинирани во 1944 година во Бретон Вудс, инспирирани од темелната идеја на Кејнес за конструкција на западниот монетарен систем околу американскиот долар претворен во злато (35 долари за унца злато), на кој се приспособуваа девизните курсеви на другите валути.
По ова, Западот забележа дотогаш невиден 25-годишен просперитет. Соочен со комунистичкиот, капиталистичкиот режим во тој период мораше да докаже дека е поефикасен во производството и распределбата на богатството. Поради тоа им овозможи триумф на следбениците на Кејнес и на „фордизмот“ (масовно производство, потрошувачка и целосна вработеност), како и на идејата дека работниците треба да се добро платени, за да можат да си дозволат да ги купат артиклите што ги произведуваат. За да не потпадне населението под влијание на противничкиот комунистички блок, нужно беше да се редуцираат социјалните нееднаквости и да се развие ефикасен систем на социјална заштита. На тој начин се создаде западната средна класа, која стана столб на западните демократии и недостижен пример за популацијата на Источниот блок. Токму благодарение на таквиот модел на западноевропската демократија, олицетворена во нејзината богата средна класа, т.е. „социјалниот лифт“, во кој се влегуваше со труд и образование, капиталистичката пропаганда успеа да ја порази комунистичката. По ваквата победа, можеше да се пристапи кон новото реструктурирање на капиталистичкиот систем.
Него го најави Ричард Никсон на 15 август 1971 година, со својата унилатерална одлука за напуштање на правилата воспоставени во Бретон Вудс. Конвертибилноста на доларот во злато беше укината, а со тоа се прекина и 30-годишниот просперитет. Зошто? Секако затоа што Студената војна (натпреварот во освојување на космосот) и војната во Виетнам, која ја водеа демократски претседатели (Кенеди, Линдон, Џонсон) стануваа сѐ поскапи, но најмногу поради незадоволството на големите американски компании, кои тврдеа дека капиталниот приход е незадоволителен, синдикатите се пресилни, а државата е насекаде присутна и семоќна, па тоа ги кочи нивниот динамизам и иновативност. По откажувањето од обврските од Бретон Вудс, американската држава можеше слободно да печати пари без покритие, а државниот секретар Џон Конели отворено му порача на светот: „Доларот е наша валута, а ваш проблем“. Во системот на слободен девизен курс, американскиот претседател најде решение за преценетоста на американскиот долар, која произведе огромен дефицит во американскиот платен биланс, како и за преголемите количества долари што се наоѓаа во другите земји и ја зголемуваа понудата на доларот. Оние за кои доларот претставува проблем, Јапонија, Канада и Велика Британија, преминаа кон систем на раководени девизни курсеви; малите земји ги врзаа своите валутни курсеви за валутата на некоја друга земја, а некои земји се поврзаа во валутни блокови, каков што е европскиот монетарен систем (заради стабилизација на меѓусебните курсеви).
Преминот кон хибриден систем на курс ја најави трансформацијата на капитализмот, односно неговата финансијализација преку реформски програми и структурни приспособувања, кои постепено доведоа до зголемена нестабилност и нееднаквост во светот, чии сведоци сме ние денес. Во прв план ќе се најде ММФ, замислен како централна банка на сите централни банки, чија цел е да им помогне на земјите што се нестабилни поради тешкотии во платниот биланс. Ригорозен во одобрувањето заеми, ММФ потоа ќе одигра клучна улога во процесот на „решавање“ на должничката криза кај земјите во транзиција.
За разлика од сите други држави, САД како доминантна држава, која на другите им наметнува правила на игра до кои самата не се придржува, не е ослабната.
Американците плаќаат во долари сѐ што купуваат и продаваат, бивајќи така привилегирани во однос на конкуренцијата, затоа што се поштедени од ризиците во девизниот курс. Дури и повеќе од тоа, всушност доларот флуктуира во функција на американските геостратегиски интереси. Оттука, финансијализацијата на светската економија беше добитна комбинација за САД. Целосната либерализација на трговијата и инвестициите што генерираат економски пораст, фаворизирајќи го вработувањето и подигајќи го животниот стандард во светот, добија своја научна форма во теоријата на Милтон Фридман и неговите следбеници од Чикашката школа. Во контекст на планетарната борба против расизмот, антисемитизмот, родовата, сексуалната и сите постојни нееднаквости освен онаа основната – социјалната – се пристапи кон замена на тези. Системот на Кејнес (кој го крена животниот стандард во развиениот свет) беше заменет со оној на Фридман, кој ќе го зголеми животниот стандард на кинеските и индиските граѓани, чии пазари најмногу им одговараат на мултинационалните компании и големиот капитал, а притоа ја зајакнува моќта на „светската приватна влада“, најавена од Рокфелер.
(Утре: Неолибералната револуција)