Тие кои инсистираат за брегзит без соодветен план заслужуваат „специјално место во пеколот“. Се прашувам какво посебно место е определено во пеколот за тие кои немаат ниту план како да го постигнат брегзит, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на прес-конференција по состанокот со премиерот на Ирска, Лео Варадкар.
Туск посочи дека Европската унија нема да даде нов предлог за брегзит. Тој повтори дека договорот за излез на Обединетото Кралство од Унијата не е предмет на натамошни преговори.
I’ve been wondering what that special place in hell looks like, for those who promoted #Brexit, without even a sketch of a plan how to carry it out safely.
— Donald Tusk (@eucopresident) February 6, 2019
Претседателот на Европскиот совет, исто така, рече дека ирската граница е главен приоритет и појасни дека нема да има краен рок за механизмот на претпазливост.
– Се надевам дека ќе слушнам реални предлози од британската премиерка Тереза Мај за тоа како да се стави крај на безизлезот, истакна Туск.
Утре во Брисел, Меј ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Според Туск, најважната задача е да се спречи сценарио на брегзит без договор. Но, тој посочи дека ЕУ се подготвува за „најверојатно фијаско“, што може да се случи ако Велика Британија излезе без договор.
– Силно верувам дека се уште е можно да се најде заедничко решение, додаде Туск.
Тој смета дека сите во Европа сакаат Велика Британија да ја смени својата позиција. Туск исто така се надева дека Лондон ќе остане во ЕУ, но, како што вели, денес нема политичка моќ и нема ефективно лидерство Велика Британија да остане во ЕУ.