Русија денеска упати апел до опозицијата во Венецуела да ги остави на страна сите предуслови и да почне преговори со претседателот Николас Мадуро за надминување на политичката криза.
Апелот го упати шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој истакна дека Москва сака да помогне во создавање на услови за дијалог помеѓу власта и опозицијата во Венецуела.
Лавров додаде дека секое меѓународно посредување во тие преговори би требало да е непристрасно и да вклучува широк спектар земји.
– Русијa разговараше со Кина, со земјите од Латинска Америка и европските држави за да се унапреди дијалогот – посочи Лавров.
Претходно, Мадуро во интервју за руската агенција РИА изјави дека е подготвен да разговара со опозицијата. Меѓутоа, на тие разговори, како што рече, ќе се согласи само со независно меѓународно учество.
– Подготвен сум да седнам на преговарачка маса со опозицијата и да разговарам за доброто на Венецуела, нејзиниот мир и нејзината иднина – рече Мадуро.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков наведе дека Русија ќе ги брани своите интереси и имот во Венецуела во рамките на меѓународното право користејќи ги расположливите механизми.
Русија изминатите години одржува блиски врски со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро и во тој период ја кредираше земјата. Руската државна нафтена компанија „Росњефт“ и додели кредит на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА во висина од шест милијарди долари, кои до крајот на годината треба да се врати преку испорака сурова нафта.
Според податоци на „СП Глобал плетс“ (S&P Global Platts) во ноември 2018 година Венецуела имала 3,1 милијради долари преостанат долг за отплата на „Росњефт“.
Руската државна нафтена компанија има пет заеднички проекти со ПДВСА во Венецуела.