Акција за чистење на езерото Козјак се спроведува денеска по повод Денот на планетата Земја, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, здружението „Гоу Грин“ и фондацијата „ЦНВП Македонија”.
Кон акцијата се приклучија и Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Агенцијата за млади и спорт, општина Македонски Брод со комуналното претпријатие, ЈП „Јасен“, Асоцијацијата на колективни постапувачи со отпад, Црвниот крст на Македонија, кајакари, нуркачи, планинари, граѓански здруженија и претставници од дипломатскиот кор.
Организаторите ги повикуваа сите љубители на чистата животна средина да се приклучат кон оваа еколошка акција, да поминат еден ден во природа покрај езерото во исто време давајќи придонес кон чистотата и убавината на неговата околина.
– Нашата цел е да се намали отпадот кој се наоѓа на несоодветни места во околината, да се развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да развијат механизми за поддршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници, појаснуваат организаторите.
Денешната акција е дел од Националната акција за чистење на отпадот на целата територија на Македонија чија втора фаза ќе се спроведе во септември.
Овие активности се дел од глобалната акција – Let’s do it! World Cleanup 2018. Акцијата е официјално поддржана од Европскиот Парламент и во неа учествуваат над стотина земји во светот.