Лидерот на републиканците во американскиот Сенат, Мич Меконел изјави денеска дека Сенатот оваа недела ќе се изјасни за предлогот на претседателот Доналд Трамп, со кој треба да заврши делумната блокада на Владата на САД.
Меконел потсети дека Трамп пред три дена понуди предлог кој е претставен како компромис и со кој може да се реши најдолгата блокада на американската федерална администрација, која трае 31 ден.
Планот на Трамп предвидува имигрантите кои влегле во земјата како деца да бидат заштитени три години од депортацијата, а содржи и продолжување на заштитениот статус за луѓето кои заминале од своите земји поради насилство или природни катастрофи.
Во замена, Конгресот треба да му одобри на Трамп 5,7 милијарди долари за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница.
Демократите го отфрлија предлогот на Трамп, оценувајќи дека тој не може да биде основа за договор.