Мерките и препораките за заштита од загадувањето што ги воведе завчера Владата, од утре престануваат да важат бидејќи концентрациите на ПМ10 честичките се под дефинираниот праг на алармирање.
-Согласно податоците од ДАМСКВ на ден 21.01.2019, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 микрограми на метар кубен и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Миладиновци, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар и Тетово – информираат од Владата на Република Македонија.
Во соопштението се наведува дека прагот за алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 188 mg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, е надминат на мерното место Струмица, за каде остануваат во сила мерките и препораките.
Се укинуваат мерките за ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, намалената употреба на службени возила, ограничувањето на градежните работи, реорганизирање на работното време на отворено, да не се организираат спортски и други културни манифестации на отворено…
Концентрациите на ПМ10 честичките иако паднаа под утврдениот праг на алармирање на 200 микрограграми, се уште се над максимално дозволените. Последните мерења на мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат концентрации на ПМ 10 честичките од 84 во Центар, 97 во Карпош, 131 кај Ректорат, 120 во Миладиновци и 70 во Бутел.