Претстојните избори напролет, двојни (заедно со парламентарните) или поединечни (само претседателски), се своевиден нов референдум за граѓаните, на кои тие ќе ги оценат досегашните политики на власта и на опозицијата, тврдат аналитичарите
Иако претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека на 8 февруари ќе ги распише претседателските избори, петнаесетина дена пред да биде означен почетокот на изборната трка, се чини дека ниту на власта ниту на опозицијата овие избори не им се примарна цел во овој политички миг за Македонија. Освен барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за истовремено одржување предвремени парламентарни заедно со претседателските избори и тестирање на идејата за консензуален претседател, која ја обелоденија ДУИ и СДСМ, сепак политичкиот амбиент во моментов сѐ уште најмногу е сензибилизиран од очекувањата за ратификација на спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, како и од контроверзното стапување во сила на Законот за употреба на јазиците.
– Вистина е дека сме растргнати помеѓу љубовта за Македонија и инстинктот на самоодржување и истовремена омраза и недоверба кон државните институции и политичката каста. Во ваков амбиент се поставува прашањето за претседателските избори, за кандидатите, за евентуален бојкот или впрегнување на сите сили против владејачката каста, која се покажа како бескрупулозна и во делот на законодавната и на извршната, но и на судската власт. Ми стигнуваат различни прашања и иницијативи… Искрено, јас сѐ уште немам одлучено како поединец како ќе се поставам по однос на претседателските избори. Но гласно размислувам и за моите дилеми. Прво, претседателските избори се најневажната работа во сегашниот контекст во земја во која и државата и уставот се заробени. Но, од друга страна, дали вреди на оваа хунта да ѝ се препушти и таа институција (откако ги освои и зароби сите други)?
Сфаќам дека за опозицијата (каква-таква-никаква, па и колаборационистичка во сиот овој процес) ова е „нешто што мора“, првата можност да си ги одмери силите со актуелната власт и да се врати, т.е. да си ги поврати самодовербата и активното присуство на политичката сцена. Можеби, ако излезат со некој добар кандидат (убедена сум дека ќе има повеќе поддршка од кој и да е од северџаните, консензуални или не) ќе нѐ стават во мисла, но сепак… дилемата ми постои – го изнесува своето размислување професорката Билјана Ванковска на социјалните мрежи.
Сепак, кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште, до 31 јануари, е отворен јавниот оглас за пријавување на претседателските кандидати, по што кандидатите ќе имаат две недели да им ја образложат програмата на општинските комитети. Фаворитот на опозицијата ќе биде познат на конвенцијата на партијата закажана за 16 февруари.
Претседателските избори, според најавите, треба да се одржат во два круга, на 21 април и на 5 мај, што остава привид дека, со оглед на динамиката на случувања на политичката сцена, настаните можат да претежнат во корист на едната или на другата политичка опција.
Коалицискиот партнер во Владата, албанската партија ДУИ, прво дискретно, а сега веќе и поотворено, ја пласира во јавноста опцијата за консензуален претседател на државата, односно кандидат што ќе биде по заедничка мера со СДСМ. Премиерот Заев досега вешто избегнуваше да се изјасни за оваа идеја-услов на ДУИ, оправдувајќи се со други политички приоритети, но коалицискиот партнер се чини дека нема намера да отстапи од намерата за конечен договор за консензуален претседателски кандидат.
– Со кој било заеднички кандидат со ДУИ, СДСМ реално ќе победи на претседателските избори, ако ВМРО-ДПМНЕ не реши да го бојкотира вториот изборен круг. Ако реши да го бојкотира, тогаш тешко дека двете партии ќе извадат повеќе од 660 илјади гласачи на изборите, бидејќи тие претседателски избори ќе бидат еден вид втор референдум за насоката во која сакаме да се движи Македонија. Но по неуспешни претседателски избори, функцијата претседател на државата до изборот на следниот претседател, според Уставот, ќе ја врши сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. А тоа не може да биде од интерес на ВМРО-ДПМНЕ – проценува професорот Ѓорѓи Спасов.
Тој, сепак, предупредува и за ризиците што ги презема владејачката СДСМ ако ја прифати идејата за консензуален претседателски кандидат.
– Втора грешка би можела да биде, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, СДСМ да се стави во позиција на уценувана партија од ДУИ при изборот на „консензуален“ кандидат за претседател. Тоа може да значи ниту еден од најзаслужните во сегашната влада за рушењето на режимот со пенкало, за привлекувањето гласови на Албанците во 2016 година и за постигнувањето на договорите со Бугарија и Грција да не може да се кандидира за претседател, за да останела „компактна владата“ и затоа што ДУИ има некои други критериуми и кандидати со кои веќе излегува во јавноста – предупредува професорот Спасов на опасноста од внатрепартиски раздор поради избор на консензуален претседател на државата.
Од друга страна, колку и да е се квалификува претседателската функција како „повеќе протоколарна“, и покрај сите обиди за нејзино омаловажување, во текот на сите овие години на независност на Република Македонија во критични моменти се покажува како клучна за балансот на политичките процеси и политичката моќ, како и одлучувачка во кризни ситуации.
И покрај тоа што претседателските избори (покрај локалните, за избор на градоначалник) се единствените избори на кои граѓаните можат директно да избираат функционери според личниот кредибилитет, сепак сѐ погласно се актуализира идејата за враќање на избор на претседател во Собранието. Делумно, таквата идеја би можела да се реализира и на овие претседателски избори, доколку не биде постигнат цензусот за избор на претседател, односно ако не излезат 40 отсто од запишаните во избирачкиот список.
– Ако нема цензус, точно е дека Талат ќе стане привремено шеф на државата, ама, пак, каква штета ќе имаме од тоа ако им помине овој скандал со „нотарски заверки“ на закони? Постапката ќе мора да се повтори/повторува сѐ додека не се исполни цензусот – што државата ќе ја исцрпи (особено буџетот), ама и власта. Ризикот е дека ќе си ги искористат купените пратеници за уште еднаш да го сменат Уставот (е голема работа, сменија преамбула и име, па избор на претседател да не сменат според сопствениот ќеф!). Но таквото исцрпување ќе наметне нужност од парламентарни избори. Се разбира, дилемите не престануваат тука, бидејќи тука почнува најважната работа: демонтажа на заробената држава и воспоставување само нова власт, која не е компромитирана во сите овие шаради што ги минавме, туку и нови институции и казнивост за сите што сториле кривични дела – смета професорката Билјана Ванковска.
И покрај укажувањата на Владата и на премиерот дека по решавањето на споровите со соседите, сега треба да се посветат на економијата, предвремените парламентарни избори како барање на опозицијата сѐ уште се опција за размислување.
– Ако претседателските избори се одржат заедно со предвремени парламентарни избори, тие реално ќе бидат нов референдум за граѓаните за нов претседател и нов мандат на владата, со кој ќе се обезбедат промените во Македонија што се започнати со Шарената револуција и со последните избори или сето постигнато ќе се поништи и Македонија ќе се врати во состојбата од пред промената на власта во 2016 година. Од најавите на некои кандидати за претседател на опозицијата станува јасно дека тие од новиот претседател и од новата влада очекуваат: поништување на Договорот од Преспа, непотпишување на Законот за јазиците, отворање постапка за судења на сите што со политиката во изминатите години извршиле „национално предавство“ и ги кршеле Уставот и законите. А тоа се две непомирливи стојалишта меѓу кои граѓаните и гласачкото тело конечно треба да се определат и да дадат чист мандат – размислува професорот Ѓорѓи Спасов.