Некогаш, многу одамна, во долгите студени зими животните се собирале по куќите на дабарите. Кај нив секогаш имало дрва и шпорети, кои постојано гореле и чаделе. Се случило така, та една зима на некојси дабар со чудно име, го викале Тиквар, му се расипал оџакот, та цела гостинска соба се наполнила со чад.
– Тиквар, утре да се собереме и да ти го исчистиме оџакот – подвикнала лисицата.
– Леле, се загушив – подрекла мечката.
– Се загуши?! Е, мечко, мечко, ние не се загушуваме, ние се задушуваме. Загуши е задуши. Ти текнува – рекол рисот од Галичица и сите почнале да ѝ се смеат.
Со арно, со убаво!
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!