Фото: Дарко Андоновски

Вардарци имаат амбиција да станат првиот тим што ќе ја одбрани титулата европски првак, а Кил ќе се обиде по четврти пат да стане шампион

Ракометарите на европскиот и македонски шампион Вардар, утре (17 ч., пренос на МТВ), во арената „Шпаркасе“ во Кил, ќе го одиграат првиот четвртфинален меч во Лигата на шампиони (ЛШ) со германскиот гигант, првата пречка на патот кон завршниот турнир во Келн.
Победата во утрешниот дуел и чекор напред кон завршницата е императив за двајцата тренери, вардаровиот Раул Гонзалез и на Кил, Алфред Гисласон. Вардарци имаат амбиција да станат првиот тим што ќе ја одбрани титулата европски првак, а Кил во четврт-финалето влегува со амбиција да триумфира и потоа да разигрува за четвртата европска титула.

– Во дуелот влегуваме со најголем респект кон противникот. Тие се бранители на европскиот трон, ја одбранија титулата во СЕХА-лигата на доминантен начин и се тим што сезонава ја има најдобрата одбрана во ЛШ. Нѐ чекаат два тешки меча, нема да биде лесно, но мој сон е да ја освојам титулата во ЛШ со овој состав на Кил – изјави словенечкиот репрезентативец Миха Зарабец во пресрет на првиот меч.
Неделниот прв четвртфинален дуел ќе биде петто соочување на Вардар и на Кил во ЛШ, по двојните пресметки во групната фаза во 2002/2003 и во 2009/2010. Тие четири дуели завршија со три високи победи на германскиот состав (34-23, 33-23 и 39-23) и со една минимална победа на Вардар (27-26).

Сезонава Германците во ЛШ остварија осум победи (четири на домашен терен), две ремија (по едно дома и на гости) и шест порази (три на домашен терен). Вардарци зад себе имаат девет победи (шест дома и три на гости), три ремија (две на гости и едно дома) и два пораза во гости.
Најефикасни ракометари на Кил сезонава се десниот бек Марко Вуин со 62 и пикерот Патрик Винчек со 61 погодок, а солидна поддршка имаа од десното крило Никлас Екберг (57 гола). Кај Вардар на листата на најдобри стрелци води левото крило Тимур Дибиров со 61, а зад него се левиот бек Вуко Борозан со 57 и средниот бек Лука Циндриќ со 46 гола.
Со примени 24,3 гола по меч, вардарци сезонава ја имаат најдобрата одбрана во ЛШ. Кил, пак, беше тој што ја имаше најдобрата одбрана во групата Б, со просек од 25,7 гола по меч.
Реванш-четвртфиналниот дуел ќе се игра следната недела во Скопје. 


Флензбург и Монпелје ремизираа во првиот меч

Во преостанатите четвртфинални дуели, Флензбург и Монпелје во првиот меч одиграа нерешено, 28-28. Синоќа полскиот првак Киелце го пречека францускиот „тим на ѕвезди“ ПСЖ, а в недела (19 ч.) ќе играат дебитантите во ЛШ, француски Нант и дански Скјерн.


Четвртфинални дуели во Купот на Македонија

Денеска и утре во салата во „Автокоманда“ и во салата во Радишани ќе се одиграат натпреварите во третата и четвртата четвртфинална група за пласман во завршницата на Купот на Македонија. Најнеизвесни би требало да бидат дуелите во Радишани, каде што домаќинот Бутел ќе го пречека фаворизираниот Охрид. Во второто полуфинале ќе се сретнат Делчево Вардар и Пелистер. Победниците ќе играат во утрешното финале, во 16 часот.
Во „Автокоманда“ синоќа се одиграа дуелите Пролет – Вардар Неготино и Металург – Вардар јуниор. Подобрите од тие мечеви ќе се сретнат денеска, во 17 часот.
Натпреварите во групата 1 се одложени поради настапите на Вардар во четврт-финалето од Лигата на шампиони (ЛШ), а во групата 2 во Битола, Еурофарм и Радовиш играа синоќа по победите над Прилеп, 36-21 и Струга, 32-27. 

Распоред на натпреварите
Група 2
Еурофарм – Прилеп 36-21
Радовиш – Струга 32-27
Еурофарм – Радовиш синоќа
Група 3
Делчево Вардар – Пелистер 15ч.
Бутел – Охрид 18.30 ч.
финале утре, 16 ч.
Група 4
Пролет – Вардар Неготино синоќа
Металург – Вардар Јуниор синоќа
финале денеска, 17 ч.