Вкупно 75 случаи со симптоми на морбили (мали сипаници) се пријавени заклучно со вчерашниот ден. За 65 од нив е добиена лабораториска потврда, соопшти денеска Министерството за здравство.
Возраста на заболените се движи од осум месеци до 42 години. Најголем број од заболените припаѓаат на возрасната група од една до четири години, а пет деца се на возраст до една година. Во возрасната група над 20 години се заболени 18 лица (27,7 отсто). Во однос на полот, 34 случаи (52,3 отсто) се женски лица.
Според вакциналниот статус, 55 лица, односно 84,6 отсто од заболените се невакцинирани или се со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните деца, пак, пет деца се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Од вкупниот број заболени, 42 случаи (64,6 отсто) биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, од кои 73,8 отсто на возраст од една до четири години. Кај 15 од нив (23,1 отсто) се регистирани компликации, од кои најголем број, односно 12 (80 отсто) се кај деца на возраст до четири години.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека во декември 2018 година беше прогласена епидемија на морибили на територијата на населба Радишани, општина Бутел со седум случаи на мали сипаници. Заради појава на зголемен број заболени лица од различни делови на Скопје, на втори јануари годинава пријавена е епидемија на територијата на Град Скопје. Епидемијата се прошири на територијата на сите општини на Град Скопје, а досега најголем број (32,3 отсто) на случаи се регистрирани од општина Аеродром.
По прогласување на епидемија на територија на град Скопје, екипи на Центарот за јавно здравје-Скопје и Здравствен дом-Скопје извршиле увид во сите вакцинални пунктови.
– Согласно последните податоци, доставени од Здравствен дом-Скопје беше утврдено дека од 41.189 деца на возраст од една до пет години, невакцинирани се 12.437 или 30 отсто од децата кои подлежат за вакцинација. Од вкупно 63.815 училишни деца на возраст до 14 години во град Скопје – невакцинирани се 3.924 деца (6.1отсто). Најголем број на невакцинирани деца се од прво одделение, односно 1.532 од вкупно 7.494 првоодделенци (20 отсто) – се наведува во соопштението.
Во текот на втората недела од 2019 вакцинирани се 817 деца на возраст до 14 години од кои од 92 отсто се на возраст до пет години. Вкупно од почетокот на епидемијата до 13 јануари 2019 се вакцинирани вкупно 2.925 деца.