Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Естонија, на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта, на Република Гана и на Република Уганда, информира МИА.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Естонија за Република Македонија, со седиште во Будимпешта, Н.Е. Кристи Карелсон, претседателот Иванов изрази задоволство од одличните билатерални односи, што во континуитет ги негуваат двете пријателски држави, афирмирајќи го интересот за натамошно интензивирање на заедничката соработка, особено во економијата и трговската размена, соопшти кабинетот на претседателот.
– Република Македонија придава посебно значење на развојот на пријателските односи со Република Естонија и во овој контекст, дозволете ми да се заблагодарам за досегашната континуирана поддршка што Вашата земја ја дава за реализација на македонските стратешки цели, интеграциите во ЕУ и НАТО, рече претседателот Иванов.
Амбасадорот Карелсон потенцираше дека Естонија ја поддржува целта на земјава за членство во НАТО и како долгогодишен поддржувач на проширувањето на ЕУ, особено се залага за почеток на пристапните преговори со Македонија.
– Би сакал да ја потврдиме нашата подготвеност да го споделиме искуството што го стекнавме во градењето на нашата е-влада и дигиталната економија. Нашата соработка во оваа област веќе започна и на тој начин стана добра основа за одличните билатерални односи меѓу Естонија и Македонија, рече амбасадорот Карелсон.
Претседателот ги прими и новоименуваниот амбасадор на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта за Република Македонија, Н.Е Франческо Саверио Џусти, новоименуваниот амбасадор на Република Гана за Република Македонија, со седиште во Прага, Н.Е. Вирџинија Хесе, како и амбасадор на Република Уганда за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. Елизабет Паула Напејок.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.