Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, завчера доби доверба во парламентот, откако владејачката коалиција што ја предводи тој беше разнишана поради Договорот од Преспа, со кој треба да му се стави крај на долгогодишниот спор за името на Република Македонија. А какво гласање на парламентот, во коj има 300 пратеници, беше потребно за да преживее Ципрас?
За доверба на Владата гласаа 151 од вкупно 300 пратеници. Освен 145-те пратеници на партијата на Ципрас, СИРИЗА, за довербата на Владата гласаа уште шест пратеници: двајца од редовите на Независни Грци и четворица сега веќе независни пратеници, меѓу кои се најдоа и исклучените пратеници од Независни Грци и еден од партијата Река.
Она што е интересно да се истакне од информациите на грчките медиуми што деновиве прават компарации на грчкото сценарио со она што беше направено во Македонија за да се обезбеди парламентарно мнозинство за донесувањето на уставните измени, се некои многу интересни и помалку познати факти, како за домашната така и за странската јавност.
Во грчките медиуми вчера, на пример, се анализираше „како македонските осум ’независни’ прекуноќ станаа грчките шест пратеници“. Меѓу шесте пратеници што им се приклучија на парламентарците на СИРИЗА и гласаа за доверба на актуелната влада, а се очекува тие во деновите што следат да гласаат и за спогодбата од Преспа, се четворицата парламентарци што потекнуваат од Независни Грци на Панос Каменос, поранешен министер за одбрана, кој минатата недела поднесе оставка поради несогласувањата со договорот, како и еден бивш пратеник од Река, сега независен, и уште една пратеничка од партијата НЕО, инаку поранешен член на Нова демократија,
Се работи за следниве пратеници од партијата Независни Грци: Елена Кундура, министерка за туризам; Василис Кокалис, заменик-министер за земјоделство; Танасис Папахристопулос, претендент за местото заменик-министер за труд; и Костас Зурарис, кому му е ветено дека ќе биде заменик-министер за Македонија и Тракија. За договорот најверојатно ќе гласаат и довчерашниот член на Река Спирос Данелис и Катерина Папакоста од партијата НЕО, која во моментов е заменик-министерка за цивилна заштита на Грција.
Според пишувањата на весникот „Ефемерида“, Ципрас на шестемина пратеници им ветил дека или ќе останат на истите функции или ќе бидат наградени со нови позиции во периодот што следува. Тој со овие шест парламентарци планира да го обезбеди и неопходното мнозинство од 151 пратеник за ратификација на договорот иако за некои од нив веќе се шпекулира дека нема да го поддржат.
Инаку, Спирос Данелис, поранешен пратеник во грчката парламентарна партија Река и еден од шестемина грчки пратеници што гласаа за довербата на владата на Ципрас, неодамна беше исфрлен од неговата парламентарна група, а претседателот на партијата Ставрос Теодоракис, преку писмо, го информира парламентот за тоа. Според пишувањата на грчките медиуми, во пазарењето помеѓу Спирос Данелис и Ципрас за евентуалното добивање на неговата поддршка за Преспанскиот договор сѐ се сведувало на нов загарантиран мандат на следните избори. Инаку, до неговото исфрлање од парламентарната група и партија дошло по неговата неодамнешна изјава дека тој ќе ја поддржи владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Елена Кундура, пак, која лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, ја отстрани од пратеничката група, е поранешна манекенка. Има 58 години и е сегашна министерка за туризам. Според пишувањата на грчките медиуми, како благодарност што ќе гласа за Договорот од Преспа таа се очекува да остане на чело на ова министерство.
За пратеникот Костас Заури, кој беше жестоко против договорот, во изминатиот период се зборува дека ќе стане прв човек на Министерството за Македонија и Тракија.
Пратеникот Танасис Папахристопулос, поранешен портпарол на пратеничката група на Независни Грци, се очекува да биде поставен за заменик-министер за труд и социјала.
И на крајот, грчките медиуми потсетуваат дека Катерина Папакоста, која до лани беше членка и пратеничка на Нова демократија, а подоцна ја формира својата партија НЕО и по неодамнешната реконструкција влезе во коалициската грчка влада, до пред извесно време одбиваше директно да коментира дали договорот е добар или лош, со објаснување дека „тоа ќе го видиме на крајот“.