Светот е сцена
Обединетите нации собраа голем број уметнички дела во речиси осум децении и се дом на малку позната, но вредна колекција на уметнички дела, вклучувајќи ги и оние на Марк Шагал, Хенри Мур и Фернанд Леже, пренесува АФП.
Во зградата на Ист ривер во Њујорк се сместени речиси 400 уметнички дела, кои пристигнале таму како донација од 150 од 193 земји-членки на ОН.
– Имаме колекција на која би ѝ позавиделе многу светски музеи, а ние не сме музеј – вели Вернер Шмит, кој е задолжен за колекцијата.
Некои од уметничките дела може да се видат при обиколките на зградата на ОН. Тие ги прикажуваат историските настани, уметничките текови и особености на земјите-донатори, од кои некои, како Југославија, Источна Германија или Советскиот Сојуз, престанаа да постојат. Меѓу најспектакуларните дела е „Војна и мир“, два мурала што ги врамуваат вратите на салата на Генералното собрание, на бразилскиот уметник Кандидо Портинари.
– Делегатите на влезот во салата гледаат пејзаж на војна и очај, а на излезот светот во мир и хармонија – вели Шмит, додавајќи дека тоа е алегорија на основната цел на ОН, решавање на конфликтот преку дијалог.
„Споменик на мирот“ од скулпторот Аугустинчиќ
Во 1964 година, Шагал лично го доставил до ОН својот витраж „Прозорци на мирот“, дело што оттогаш е оштетено, но никој не знае како. Тоа е дел од збирката составена од претставници на ОН по смртта на поранешниот генерален секретар на ОН, Даг Хамаршелд, и 15 члена на персоналот на ОН во авионска несреќа на пат кон тогашните мировни преговори во Заир од 1961 година.
Воодушевувањето на скулпторот Хенри Мур од Хамаршелд го мотивирало да ѝ ја донира својата „Лажечка фигура“ на светската организација, која е изложена во градините на ОН. Монументална бронзена скулптура на американската уметница Барбара Хепворт се издвојува пред влезот на ОН.
Во близината на објектот се наоѓа „Споменикот на мирот“ на хрватскиот скулптор Антун Аугустинчиќ. Висок е 5,5 метри, тежок пет тони и стои на 10-метарски постамент од брачки камен.
Другите дела вклучуваат златна уметност од Саудиска Арабија и од Бахреин, африкански скулптури, огромна кинеска вазна и голем персиски килим со мана во ткаењето, а колекцијата е збогатена со мебел од реномирани дизајнери.
Реплика на познатата „Герника“ на Пикасо
Некои од делата ги одразуваат клучните настани во историјата на одредени земји, како што е украинската таписерија, која ги прикажува ужасите на Чернобил. Тука е и скулптурата „Доброто го победува злото“, донација од Советскиот Сојуз. Го прикажува Свети Георги како убива змеј и е целосно направен од нуклеарна муниција.
Амфитеатарот на Генералното собрание е опкружен со две апстрактни фрески од францускиот сликар Фернанд Леже.
– Поранешниот американски претседател Хари Труман изјави дека изгледаат како колбаси со јајца и никој никогаш не му противречи – вели Шмит.
Репликата на познатата „Герника“ на Пикасо ги поздравува членовите на влезот во Советот за безбедност и е живописен потсетник на ужасите на војната. Тоа е во сопственост на семејството Рокфелер, кое го позајми на ОН. Секоја земја може да донира уметничко дело, а единствениот услов е тоа да не е навредливо.
-Уметноста не смее да вознемирува земја-членка. Мора да го зборува истиот позитивен јазик со сите – истакнува Шмит. М.К.