Филмот е веќе споредуван со „Марсовецот“, „Интерстелар“, „Гравитација“, „Соларис“, „Првиот човек“, „2001: Вселенска одисеја“, но е сепак различен во начинот на кој им пристапува на своите ликови и нивната емотивна состојба

Изминатиов месец најновиот филм на Џејмс Греј (познат по остварувањата „Имигрантите“ и „Изгубениот град З“), космичката мистерија „Ад астра“ ги одржуваше киносалите полни со обожаватели на научната фантастика и оние што ја препознаваат и ценат големината на Бред Пит!
Но ако одите за да погледнете акција во вселената и битки со вселенски бродови, откажете се веднаш.

„Ад астра“ е, без преувеличување, многу бавен филм. Бавен филм што комплетно ги обзема гледачот и неговото внимание, затоа што Греј маестрално ја искористува секоја минута од филмот, додека, пак, Пит е феноменален во секоја сцена.
Дејството во „Ад астра“ се случува во блиска иднина, кога патувањето во вселената е многу полесно и позачестено. Космонаутот Рој Мекбрајд (Бред Пит), познат по својата екстремна психичка смиреност и професионалност, ќе биде ставен во ситуација што можеби ќе ја компромитира неговата состојба. Неговиот татко, легендарниот Х.

Клифорд Мекбрајд (кого го толкува Томи Ли Џонс), пред многу години, водејќи го проектот „Лима“ заминал со својата екипа во потрага по друга интелигенција, но никогаш не се вратил. А сега, години подоцна, енергетски преоптоварувања и избивања, за чиј извор се верува дека е изгубениот брод на Мекбрајд, ѝ се закануваат на нашата планета. Ова е моментот кога Рој, синот на исчезнатиот Клифорд е соочен со идејата дека неговиот татко е можеби сѐ уште жив и дека тој е причината за овие избивања. Рој заминува во потрага по својот татко. Или можеби во потрага по самиот себе?

Оттука започнуваат патешествието и комплетната преобразба на ликот на Рој. Тој е осамен човек, посветен на својата работа, човек што поради својата физичка и емотивна недостапност го губи својот брак, кој носи трауми од своето детство, човек што пораснал без својот татко, кој мора да биде сталожен и смирен за да може да ги извршува своите професионални обврски, и човек што ги чува своите мисли и чувства заклучени во себе.
„Ад астра“ е филм во кој многу се користи со нарација, но тука таа е потребна, одмерена, не пречи воопшто, туку помага. Рој поминува предолго време сам во својата глава, во вселената, па дури и кога е на Земјата, а публиката ужива во поетичноста на неговите внатрешни монолози и го запознава ликот подобро.

„Ад астра“ е приказ на еден внатрешен универзум долги години затворен, кој конечно и полека излегува надвор, соочен со големината, празнината и тишината на вселената. Таму каде што никој не гледа и не слуша, долгите минути, часови и денови го менуваат Рој, како и неговите мисли. Ова е филм за самотијата, но и филм за прошката. А секоја емоција и мисла се кристално јасни со феноменалната и минималистичка глума на Бред Пит. Тој е несомнено резервиран, затворен карактер, дури и кога е сам. Неговата маестралност се гледа во неговиот поглед и микроизразите на неговото лице. Тие кажуваат сѐ, и тие прават публиката да се грижи за овој лик.
Публиката ќе го доживее „Ад астра“ различно. Овој филм може да испрати различни пораки, кои може да бидат индивидуално сфатени, иако темата што ја обработува претходно е многупати обработена.

Филмот е веќе споредуван со „Марсовецот“, „Интерстелар“, „Гравитација“, „Соларис“, „Првиот човек“, „2001: Вселенска одисеја“, но е сепак различен во начинот на кој им пристапува на своите ликови и нивната емотивна состојба. Иако оние што имаат длабоки научни познавања ќе најдат нелогичности и мани уште од самиот почеток, идејата на филмот е да се прикажат што е можно пореалистично внатрешното измачување и созревање на главниот лик.

Освен тоа, „Ад астра“ претставува визуелно ремек-дело. Хојте ван Хојтема, кој беше зад камерата на „Интерстелар“, „Таа“ и „Данкирк“, уште еднаш воодушевува со своето визионерство. Покрај одличните монолози и глума на Бред Пит, овој филм го зграпчува вашето внимание со неверојатните кадри и волшебниот колорит. Додека, пак, музиката на Макс Рихтер создава атмосфера во која и вие ќе се почувствувате осамено, и вие ќе се почувствувате исплашено, непријатно, па дури и необично смирено онаму каде што треба.

„Ад астра“ е специфичен филм. Траењето и бавното дејство нема да му се допаднат секому, но оние што уживаат во долги минути на самоспознавање ќе го доживеат овој филм како прекрасно ремек-дело.

[email protected]