Музејот на Библијата соопшти дека пет од неговите најценети артефакти – извадоци во колекцијата на свитоците од Мртвото Море, се фалсификати, кои веќе нема да бидат изложени во музејот во Вашингтон, САД, пренесува „Гардијан“.

Истражители во Германија испитаа пет од 16-те извадоци, купени од милијардерот Стив Грин кој е основач на музејот, по што заклучија оти тие „покажуваат карактеристики нескладни со древно потекло“. Не е познато колку платил Грин за колекцијата, со што индивидуални извадоци досега беа продавани и за милионски суми.

Отворањето на Музејот на Библијата беше проследено со контроверзи поради изложувањето на извадоците и поврзаноста со Грин. Тој е претседател на групацијата за снабдување на уметнички дела „Хоби Лоби“, која во јули се согласи да предаде преку 5.500 артефакти криумчарени од Ирак, по федералната истрага.

Истражителите продолжуваат да ја испитуваат колекцијата на музејот, поради постоењето на сомнежи дека уште барем два свитоци би можеле да бидат фалсификати.

Свитоците од Мртвото Море беа откриени од овчари Бедуини во кумранските пештери на западниот брег од реката Јордан во 40-те години на минатиот век. Нивното пронаоѓање придонесе кон револуционирање на начинот на проучување на Библијата. Свитоците содржат повеќе од 100 илјади извадоци, вклучувајќи делови од Стариот завет транскрибирани пред повеќе од две илјади години.