Дали ви се причинува дека комарците едноставно обожаваат некои луѓе, додека други се чини дека се обидуваат да ги избегнат.
– Нема сомнение дека поединци се попривлечни за комарците поради хемикалиите што ги лачат и поради нивната посебна флора на кожата – вели ентомологот Џозеф М. Конлон, технички советник на Американското здружение за контрола на комарци.
Излегува дека некои луѓе произведуваат природен мирис што ги одбива комарците. Научниците од Факултетот за хигиена и тропска медицина во Лондон велат дека генетиката може да влијае и на тоа колку често некој ќе биде нападнат од комарци. Поединци произведуваат природен лек против каснување од комарци во своето тело, а тоа го контролира генетиката. Постојат четири типа на луѓе чија крв комарците ја пијат почесто од другите.
Бремени жени
Комарците, поточно женките, ги привлекува јаглерод диоксидот што луѓето го произведуваат кога дишат. Тие имаат специјални рецептори со кои го препознаваат во околината. Бремените жени издишуваат повеќе јаглерод диоксид во подоцнежниот период од бременоста (околу 28-та недела), и тоа за 21 отсто повеќе од жените што не очекуваат бебе, а тоа значи дека крвопијците имаат можност ним да им посветат посебно внимание. Истражувањето со бремени жени и комарци беше објавено во 2002 година во списанието „Лансет“.
– Бремените жени во поодмината бременост привлекоа двојно повеќе комарци. Но не мора да биде само тоа дека тие произведуваат повеќе јаглерод диоксид. Бремените жени испуштаат одредени мириси што привлекуваат инсекти – објасни д-р Лаура Харингтон, професорка на универзитетот „Корнел“ на Катедрата за ентомологија (наука за инсекти).
Луѓе што вежбаат
Комарците се особено агресивни ако намирисаат некој што штотуку трчал, вежбал или се занимавал со некоја друга физичка активност. Нив ги привлекуваат млечни киселини, кои тогаш зголемено се произведуваат во мускулите и се излачуваат преку потта.
– Ако обилно се потите, вашата повисока телесна температура исто така може да игра улога. Комарците ги привлекува топлината, која се зголемува како што се приближуваат до потенцијалниот домаќин – објасни Џозеф М. Конлон.
Луѓе што пијат алкохол
Студија спроведена во Западна Африка покажа дека мажите што пиеле пиво за комарците биле повкусен залак од оние што пиеле вода.
Мал експеримент е направен и во Јапонија – и таму комарците повеќе ги привлекувале луѓето што консумирале алкохол. Некои експерти веруваат дека тоа се случува затоа што алкохолот ја зголемува телесната температура, што е неодоливо за комарците.
Луѓе со крвна група нулта
Комарците претпочитаат луѓе со крвна група нулта, според студијата објавена во „Журнал оф медикал ентомолоџи“. Веројатноста комарецот да касне некого од таа крвна група е дури 83 отсто поголема.
– Луѓето со крвна група нулта имаат тенденција да испуштаат одредени мириси што комарците ги сметаат за привлечни – вели ентомологот Конлон.
И покрај тоа, според истражувачите од Јапонија, луѓето со крвна група нулта имаат најмали шанси да заболат од најсмртоносната форма на маларија, болест што ја пренесуваат комарците.