Фото: Пиксабеј

„Мета“ прави промени во Инстаграм и Месинџер на Фејсбук за подобро да ги заштити малолетниците од несакани онлајн контакти, со воведување поголеми ограничувања за тоа кој може да испраќа пораки до тинејџерите, додека родителите ќе имаат поголема контрола врз безбедносните поставки. Компанијата објави дека тинејџерите помлади од 16 или 18 години во некои земји стандардно нема да можат да примаат пораки или да се додаваат во групните разговори од корисници што не ги следат или со кои не се поврзани на Инстаграм и на Месинџер.
Промените се надоврзуваат на серија безбедносни карактеристики што „Мета“ ги примени во текот на изминатата година додека се бори со обвинувањата дека нејзините алгоритми помагаат да се претворат Фејсбук и Инстаграм во „пазари за предатори што бараат деца“.

За разлика од претходните ограничувања, кои ги ограничуваа лицата над 19 години да испраќаат директни пораки до малолетници што не ги следат, овие нови правила ќе важат за сите корисници без разлика на возраста.
„Мета“ вели дека корисниците на Инстаграм ќе бидат известени за промените преку порака на врвот на нивниот ѕид. Тинејџерите што користат надгледувани профили мора да побараат дозвола од родителот или старателот што го надгледува нивниот профил да ја променат оваа поставка.

Проширени се и алатките за родителска контрола на Инстаграм. Наместо едноставно известување кога нивното дете ќе направи промена во поставките за безбедност и приватност, од родителите сега ќе се бара да го одобрат или одбијат барањето на нивното дете, што ќе ги спречи на пример да го префрлаат својот профил од приватен во јавен.
„Мета“ исто така развива нова функција дизајнирана да ги заштити корисниците од примање несакани и несоодветни фотографии во пораки од луѓе со кои веќе се поврзани, а исто така ќе ги одврати тие корисници од испраќање таква содржина. Засега нема датум кога ќе активира функцијата, но се знае дека ќе биде активна во шифрирани разговори. Повеќе информации се очекуваат во текот на годинава.