Јадењето мали риби како анчови и сардини наместо црвено месо ќе спаси 750.000 животи до 2050 година на глобално ниво, велат научниците. Придобивката најмногу ќе се почувствува во посиромашните земји, покажа британската анализа, но и драстично ќе ја намали смртноста од срцеви заболувања во побогатите земји.
Малите риби се богати со хранливи материи со низок јаглероден отпечаток, иако само малку повеќе од една четвртина од фатените риби се користат како храна, остатокот се претвора во рибино брашно и рибино масло, кои се користат за исхрана на поскапи морски плодови како лосос и пастрмка.
Научниците истражувале дали замената на внесувањето црвено месо со овие риби може да ја намали стапката на заболувања и да спаси животи. Хроничните болести сочинуваат околу 70 отсто од сите смртни случаи во светот, велат научниците, а срцевите болести, ракот на дебелото црево, дијабетесот и мозочниот удар сочинуваат речиси половина (44 отсто) од таа бројка.
Научниците ја проектираа потрошувачката на црвено месо во наредните децении во 137 земји и ја проценија можноста за нивна замена со мали риби користејќи ги историските податоци за риболовот. Проекцијата покажа дека таквата замена може да спречи меѓу 500.000 и 750.000 смртни случаи на глобално ниво до 2050 година, особено од срцеви заболувања. Истражувачите признаа дека малите риби не се доволни за да ја заменат консумацијата на црвеното месо, но посочија дека тоа може да биде „ветувачка алтернатива“.
Тие нагласуваат дека постои потреба да се ограничи потрошувачката на црвено месо, кое испушта интензивни стакленички гасови, и луѓето да се префрлат на храна што е здрава и еколошка во обид да се намалат хроничните болести поврзани со исхраната во наредните децении.